1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велигден во моето егејско детство

3 мај 2021

Споменот на моите бегалски баби, заветот на верата што ни го оставија со примерот на својот живот, живее и во мојата велигденска радост. Затоа што од нив научив дека треба да се  живее така, како да е секој ден Велигден.

https://p.dw.com/p/3ssnM
Symbolbild Ostern Hefezopf Ostergebäck Traditionell Ostereier
Фотографија: Fotolia/Ideenkoch

Долго пред да ги прочитам првите богословски книги, уште како дете знаев дека Велигден е празникот над празниците. Тоа го  гледав секоја пролет во погледот на моите егејски баби. Иако носеа црнина до смртта. Иако ниту на празник не облекуваа ново руво. Сепак, од лицата тој ден им зрачеше бескрајна радост. Егејското дете растеше со тажни приказни за умирачки и загуби, за тага и разделба. За него беше нормално бабите да се расплачат барем еднаш на ден. Само на Велигден тие не плачеа, туку се радуваа и благословуваа. Тој ден се‘ беше поинаку. Не само затоа што татко ми, крстен Анастас, го славеше на велигденскиот понеделник именденот. И цел ден вратите од бегалските одаи беа отворени за гости! Велигден го доживеав како скапоцена шифра токму преку бабите. Додека беа живи, тие секоја година ми ја покажуваа таа шифра токму низ својата бескрајна  радост. Што беше таа, оставија да откријам самата.

Моите егејски баби за мене беа „живо богословие“. Иако не одеа често во црква во Скопје. Само на „мртва сабота“ и на големите празници. Немаа икони и кандила во бегалските одаи. Затоа самите станаа кандила пред Бога. Во молитвата и во силната вера дека Бог ќе им дари доволно за чесен живот и во бегалството. „Христовите заповеди се лесни“, повторуваа. Чини добро, за да бидеш даруван со добро. Љуби, за да ти се врати со љубов. Не прави раздор, не кодоши, не сведочи лажно, заборави го лошиот, а запамети го и благодари за добриот збор од човека, повторуваа постојано. Никогаш не очајуваа, а сите беа длабоко ранети. Сите имаа изгубено многу ближни во војната.Никогаш подоцна не сретнав жени со благородност и достоинство во најголема беда, како кај моите егејски баби. Тогаш не знаев кој беше изворот на нивната сила. Децении подоцна, кога самата  ја открив верата во Христа, сознав дека изворот беше токму нивната христијанска вера.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Никогаш немаше да  ја напуштат Грција, да не беше последната офанзива на планината Вич, на чии падини се наоѓаше селото Бапчор. Мајка ми го споредуваше по убавината на куќите со Крушево. Високо во планините, како Галичник и Лазарополе. Стопаните на стари трикатни куќи, војната ненадејно ги исфрли во  ниската барака во предградието на Скопје.Од богати домаќини, тие преку ноќ станаа  аргати кај скопски градинарски фамилии, кои имаа полиња близу бараката. Прабаба ми Софка Шарина била во Бапчор отсекогаш почитувана поради нејзината мудрост и праведност. Секој гостин и во бегалскиот двор, како и дома, во Бапчор, таа го дочекуваше како што старозаветниот Аврам ги угостил трите ангела. Последниот залак го делеа бабите со гостинот, само за да му покажат колку е драгоцен.

Други колумни од авторката:

Најголемата љубов – Велигден и христијаните

Светлината на празниците

 

За Велигден се подготвуваа уште кога ќе пркнеше пролетта. Го чекаа со копнеж по преобразба на целиот живот. Сите постеа, но скришно, само за себе. Ние, децата, постевме само трите дена од Страсната седмица, пред да не‘ однесат во црква на причест, на Велика сабота. Тој ред пред Велигден го определуваше прабаба ни‘ Софка. Беше неписмена, а ги знаеше напамет најважните делови од Евангелието. Имала дома, во Бапчор, свој духовник. Тоа бил игуменот на еден познат манастир близу Костур. Со него постојано се советувала. Две недели пред Велигден се „белосуваа“ одаите и распукнатата фасада на бараката. Мајка ми со ноќи од стари фустани шиеше велигденска облека за нас, децата. Пред Велигден родителите ни ги купуваа новите сандали за летото. Се‘ требаше да блеска од чистота на Велигден! Сега знам. И тоа беше симбол за  Христовото Воскресение. Впрочем, тоа е „новотворение“ и преобразба. Бездруго бабите неколку месеци порано почнуваа да штедат од социјалната помош за скромната велигденска трпеза.

Верата си ја чуваа во срцето

Моите мудри егејски баби знаеја дека дојдоа во држава со поинаква политичка идеологија, во која верата во Бога немаше важно место. Тоа го почитуваа, а верата си ја чуваа во срцето. Знаеја дека можат да ни  ја остават како завет и без проповеди. Веруваа дека најдобро ќе го најдеме патот до Христа, ако го препознаеме во однесувањето на конкретен човек. Најдобро, во нивното однесување! Затоа не‘ учеа дека на овој свет е најважен добриот однос на човек кон човека. Нѐ учеа да правиме добрини кога ни велеа, „фрли си зад себе, за да си најдеш пред тебе“. Што значи, направи добрина и ќе ти биде возвратено со добрина. Не учеа да не очајуваме, кога ни ја откриваа мудроста на надежта, велејќи: „Што носи саато, не носи годината.“ Или кога се тешеа една со друга со мислата: „И да забави, Господ нема да  заборави.“

Не‘ учеа нашите егејски баби дека има победни и од нас, бегалците.Тие што беа болни и напуштени. Кога стигнаа во преградието на Скопје, моите баби се распрашуваа дали има луѓе во соседството на кои им треба помош. За да ги исперат и закрпат, за да им замесат и испечат под сачот во големиот бегалски двор  бапчорска пита и кора, особено за празниците. Колку боледуваа по својата црква во Бапчор, по своите празнични редови, сознав еднаш, кога во бегалската одаја на прабаба ми Софка ненадејно се всели  „светецот“. Вујко ми Коле Манев, тогаш ученик во средното уметничко школо во Скопје, од реставрацијата во некој манастир ја донесе во бараката на неколку дена фреската на платно со претставата на  Св.Димитриј. Тоа беше семејната слава на баба ми Стојанка. Ја закачија фреската над креветот на прабаба ми Софка. Сите роднини се собраа во одајата да се поклонат пред „светецот“. Ја целиваа фреската, со солзи на радост и тага. Во тој миг нивните лица светеа како на Велигден. Споменот на моите бегалски баби, заветот на верата што ни го оставија со примерот на својот живот, живее и во мојата велигденска радост. Затоа што од нив научив дека треба да се  живее така, како да е секој ден Велигден.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.