1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Послание со осврт на пописот и образовните реформи!

30 април 2021

Предложените процеси се толку еднострани, па во отвореното општество за сите нема место за етиката и моралните вредности на религиите, за искуството на Црквата, нема место за Бога, се вели во Велигденското послание.

https://p.dw.com/p/3smT4
Nord-Mazedonien Skopje |  Kliment von Ohrid Kirche
Фотографија: DW/D. Dedovic

 „Воскресението Христово е темелот на нашата вера, на нашето служење на Бога, тоа е содржина на христијанскиот карактер, па дури и на културата на секој народ кој со името Христово се именува. Оттаму, нашиот живот, како православни христијани, треба да се напојува и да се храни од верата во Воскресението", се порачува во Велигденското послание на Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

Велик петок – тажниот ден на страдањата и смртта на Исус Христос, православните христијани во земјава го дочекуваат по една тешка година одбележна со голготата предизвикана од пандемијата - губење на човечки животи, губење на работа, губење на динамиката на претходното секојдневие, оттуѓување, а во многу случаи раслојување и распаѓање на семејства.

Посланието се осврнува на ова и други искушенија на времето во кое живееме, посочено како време кога од сите страни на светот доаѓаат вести за воени судири, за терористички напади, страдања, природни катастрофи, криминални дела, глад, тешки болести, сиромаштија.

„Како и сиот свет, и ние во овие тешки времиња се соочуваме со здравствени проблеми - со ширењето на заразната болест, која прерасна во сесветско искушение што продре во сите сегменти од живеењето. Овој проблем повлече неприлики не само по здравјето на луѓето, туку и по безбедноста, економијата, па дури и по одговорноста на секој од нас како поединец во општеството, но и за нас како Црква. Ова искушение ја стави на испит и нашата вера. Како верен народ и Црква се соочивме можеби со најголемиот предизвик: како да се однесуваме одговорно и како да ја запазиме верата? (...) Татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и спроведување на мерките пропишани од одговорните, и од Црквата и од световната власт. Беше и сè уште е потребно, низ разните лишувања кои ни се благословуваат, да се оддадеме на заедничка молитва за целиот свет: и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починаа од последиците на болеста“, се вели во посланието.

Nord-Mazedonien Weihnachten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Чудни реформи"

За разлика од минатата година, кога велигденското послание беше насочено кон препораки до верниците „да се молат во своите домови и срца, да се молат за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата", годинава црковните власти решија да испратат порака и за други прашања -пописот и некои реформи.

Повеќе:

-„Светото лажиче“ ги крена тензиите пред Велигден

-Велигден и Бајрам без полициски час

-Православниот Велигден под диктат на короната

„Како народ сме исправени и пред разни предизвици, кои нè засегаат не само во денешницата, туку и особено во иднината. Беше најавен попис на населението, па поради пандемијата е одложен. Но кога и да се одржи, и како жители и како Македонци, потребно е задолжително да ја извршиме таа обврска, која ќе покаже не само колку сме, туку и каде сме, а сето тоа да се организира и да биде усогласено со меѓународните стандарди. Инаку, оставајќи им ги политичките предизвици на избраните од народот, чија задача е да служат најдобро и да ги запазат интересите на сопствениот народ, сепак не може да се молчи пред иницијативите на некои групи, кои сакаат своите определби да ги наметнат над мнозинството“, се вели во посланието.

Orthodoxe Christen Weihnachten Mazedonien Skopje St. Clement Kirche Kerze Hand
Фотографија: AP

Забелешка е упатена и за реформите во образованието, а преку нив, и за концептот „Едно општество за сите". 

„Во образованието, во форма на некакви чудни реформи, од кои е исклучена објективната јавност, се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет. На овој начин е засегната не само нашата сегашност, туку и иднината, зашто децата уште од најмала возраст се насочуваат кон туѓи, несоодветни и недостојни вредности, со кои се разнебитува личноста, а кои се спротивни на светогледот на нивните родители. Предложените процеси се толку еднострани и во нашиот општествен контекст многу недоследни, па во отвореното општество за сите, нема место за етиката и моралните вредности на религиите, нема место за искуството на Црквата, нема место за Бога!", се вели во посланието од Архиепископот и членовите на Синодот.

На крајот порачуваат дека христијанскиот живот е борба за доброто и спасоносното, за правдата и за вистината, а против сите зла, и во себе и кај другите.

„Да не очајуваме, зашто Христос го победи секое страдање и ја донесе радоста (...) Неправди имало и ќе има, но христијански е да не отстапуваме пред нив и уште поревносно да му се молиме на Оној, кој може да изврши изобилно сè што бараме или помислиме", се вели во посланието.

Кој во што се меша?

Иако во посланието од Архиепископот и членовите на Синодот се вели дека „татковски повикувале и повикуваат на трпеливо прифаќање и спроведување на мерките пропишани од одговорните“, се покажа дека некои практики, сепак, ќе отстапуваат од тоа. Митрополитот преспанско-пелагониски, Петар, веќе најави дека нема да се откажат од причестување на верниците со иста лажичка.

„Нашите верници никогаш не се причестувале од повеќе лажички, па нема ни сега. Луѓето што се неверници и што се против Бога, тие нека си кажуваат што сакаат во јавноста, ама нека не се мешаат во Црквата како што ние не им се мешаме во државата“, изјави владиката Петар, кој е потишан под велигденското послание каде се коментираат теми што не се во црковна надлежност (попис,  образовни реформи...).

Mazedonien Osterfest 2012 Berlin
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

Министерот за здравство Венко Филипче реагираше на ваквата изјава.

„Сакам да ве потсетам дека во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот. Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред се кон безбедноста на граѓаните. Битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира“, порача министерот за здравство, и апелираше до граѓаните за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита.

За разлика од Филипче, кој кон митрополитот се обрати со уважување и „почитуван владико“, речникот на владиката не остави таков впечаток, особено не со обидот да наметне оценка дека оние што се против причестување со иста лажичка „се неверници и против Бога“.