„Варварски напад“- осуди за рускиот напад врз Кременчук
28 јуни 2022Лидерите на седумте најразвиени држави во светот (Г7) се заканија дека рускиот претседател Владимир Путин и одговорните за нападот во Кременчук ќе одговараат за злосторството.
„Неселективни напади врз невини цивили претставува воено злосторство“, соопштија тие, осудувајќи го „грозниот напад“.
Украина ја обвини Русија дека намерно таргетира цивили, а претседателот Володимир Зеленски го нарече „еден од најбесрамните терористички акти во европската историја“.
„Мирен град, обичен трговски центар - жени, деца и обични цивили во него“, рече Зеленски.
Гувернерот на регионот Полтава, каде што е лоциран Кременчук, соопшти дека 18 луѓе загинале во нападот. Најмалку 59 биле повредени, соопштија спасувачките служби.
Русија демантираше дека го нападнала трговскиот центар, туку тврди дека таргетирала магацин за американско и европско оружје во непосредна близина. Оганот од тој магацин потоа се проширил на трговскиот центар, тврди Москва.
Во друг напад во понеделникот, од руски ракети загинаа најмалку осум цивили додека чекале за вода во градот Лисичанск. Овој град е новиот фокус на руската офанзива на истокот на земјата, откако претходно беше освоен Северодоњецк кој е веднаш спроти него.
Зборувајќи од собирот на Г7 во баварските Алпи, Германија, британскиот премиер Борис Џонсон оцени дека нападот во Кременчук ја покажува длабочината на „суровоста и варварството“ на Путин.
Дипломатски извори потврдија дека Украина побарала седница на Советот за безбедност на ОН, каде Русија има право на вето, но не може да ги спречи дискусиите за инвазијата.
Лидерите на Г7 од самитот порачаа дека ќе продолжат да ѝ даваат помош и поддршка на Украина, додека истовремено ги засилуваат економските санкции кон Москва. Во Групата членуваат САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. Од германскиот Елмау, лидерите се селат во Мадрид на самит на НАТО.