1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ван Ромпој повика на интеграција на Западен Балкан

10 ноември 2010

Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпој синоќа од Берлин ги повика земјите на ЕУ да го заокружат европското единство и да ги примат во членство земјите од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/Q475
Претседателот на Европскиот Совет, Херман Ван РомпојФотографија: AP

Херман Ван Ромпој искажа јасен патоказ за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата, оценувајќи дека тие заслужуваат поддршка од ЕУ за да ја остварат својата заложба.

„Влезот на земјите од западниот Балкан во ЕУ ќе го означи крајот на последната граѓанска војна во долгата историја на Европа, ништо помалку и ништо повеќе. На сите кои велат дека војната се случила далеку во историјата, дека мирот повеќе не е клучен проблем во Европа, дека овие теми повеќе не ги погодуваат младите генерации, јас им одговарам: Одете таму и прашајте ги луѓето, и прашајте ги и младите“, порача Ван Ромпој.

Пред околу 600 гости кои го следеа неговиот говор, претседателот на ЕУ рече дека „желбата на земјите од Западен Балкан да се придружат уследила по периодот на варварство и насилство за кои сите мислевме дека не се можни во Европа по 1945 година“. Токму тој факт, рече Ван Ромпој, треба да ги охрабри земјите од Унијата да му посакаат добредојде на западниот Балкан.

За да се реализира влезот на земјите од западниот Балкан потребна е политичка храброст на обете страни, рече Ван Ромпој, но притоа не го спомена евентуалното приклучување и на Турција кон Унијата.

Расчистувањето со минатото- прв предуслов

Потсетувајќи дека „идејата за влез на новите земји не е популарна во сите земји-членки“, Ван Ромпој потенцираше дека сите кандидати мораат да ги исполнат сите услови и во целост да расчистат со своето минато, одбележано со граѓански војни.

Herman van Rompuy Die Europa-Rede Berlin Pergamonmuseum
Европскиот говор од годинава редовно ќе се одржува во Берлин на 9 ноемвриФотографија: AP

На проевропските влади во регионот, првиот човек на Унијата им порача да не го губат ентузијазмот, а на граѓаните кои се обидуваат да постигнат мир и помирување, да не ја губат надежта.

Манифестацијата на која говореше и германската канцеларка Ангела Меркел, во иднина ќе се одржува еднаш годишно, на 9 ноември, Денот на погромот на евреите од страна на нацистите и одбележувањето на годишнината од падот на Берлинскиот ѕид во Германија.

Автор: БГ/СН/дв/бета

Редактор: Жана Ацеска