1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцина против кокаин?

13 ноември 2011

Иако за кокаинот се вели дека е „дрога за богатите”, лекарите досега немаа средство со кое на зависниците би им го олесниле патот до прекинот. Конечно, развиена е вакцина со која се спречува зависноста од кокаинот.

https://p.dw.com/p/134PY
Вакцината на кокаинот му ја одзема опојностаФотографија: Fotolia/VRD

Во борбата против зависноста најчесто се користат супститути – како што е метадонот – за на наркоманите да им се помогне да ја прекинат зависноста. Но, кај зависноста од кокаин, таков надоместок едноставно нема. Група американски истражувачи сега разви средство уште подобро од супститутите: вакцина со која практично на кокаинот му се одзема неговото опојно дејство, дури и иако повторно се земе.

Засега се вршат испитувања во Хјустон, Филаделфија, Њујорк и Синсинати. Во центрите доброволно доаѓаат зависниците кои земаат кокаин и по шест или седум години. Причината и кај овие наркомани е слична како и кај сите останати, објаснува психијатарот Томас Костен од Медицинскиот колеџ Бејлор во Хјустон:

„Повеќето пациенти повеќе не можат да го издржат притисокот на семејството или нивните работодавачи кои постојано им повторуваат дека кокаинот им го уништува животот. Многумина од нив конечно и самите увидуваат дека мораат да станат ’чисти’, но до сега тоа не им успевало.“

Кокаинот едноставно не стигнува во мозокот

Symbolbild Sucht Drogen Kokain Koks
Зависноста од кокаин е многу сложено пореметување во однесувањетоФотографија: Fotolia/NatUlrich

Доктор Костен разви вакцина со која кај пациентите се создаваат антитела против кокаинот. Всушност тaa делува така што кокаинот доаѓа во крвта, но не може да продре во нервниот состав на мозокот и да предизвика чувство на опојност:

„Тие антитела се прилично големи. Кога пациентот ќе земе кокаин, тие тела се врзуваат со честичките на кокаинот и така создадениот комплекс е преголем за да продре во мозокот и да го развие своето дејство. Кокаинот останува во крвта, се разградува и излегува со урината“.

Во изминатите години истражувачите вакцинирале околу 400 лица и кај три од четири пациенти, тоа средство делува. Се создаваат толку многу антитела што ниту високите дози кокаин повеќе не создаваат никаков ефект. И Карл Харт од Универзитетот Колумбија во Њујорк учествува во проектот и тврди дека вакцината нема посебно лоши последици на телото. Како лекар е среќен дека конечно е развиено средство против кокаинот, но предупредува и дека нема место за претеран оптимизам:

„Всушност зависниците понекогаш се преголеми ентузијасти. Мислат дека со таа вакцина може да ја излекуваат зависноста – а тоа не може. Зависноста од кокаинот е исклучително сложено пореметување во однесувањето кое не може да се отстрани со една инекција. Тоа е наивно, оваа вакцина не е никакво волшебно средство.“

Вакцина само против кокаинот, но не и против зависноста од дрогите

Kokain
Кокаинот е една од најскапите дрогиФотографија: picture alliance / landov

Проблем е што вакцината може да ја отстрани опојноста на кокаинот, но не може да ја отстрани потребата на зависникот да биде „high.“ Особено првите недели по вакцинирањето, кога зависникот не може да ја достигне опиеноста, се особено тешки. Со време и зависноста почнува да се намалува, но доктор Харт сведочи за зависници кои земале и десепати поголема доза кокаин, во панична желба да ја достигнат опојната состојба. Во „нормални” околности тоа би било фатално, но со оваа вакцина скоро ништо не се случило – освен што на пациентот не му останале пари за оваа многу скапа дрога.

Доктор Харт укажува на проблемот дека зависниците, на кои толку многу им недостасува состојбата на опиеност, секогаш можат да преминат на некоја друга дрога – против која оваа вакцина е немоќна. Со него се согласни и колегите од Хјустон: зависноста од кокаин е пореметување во однесувањето и паузата која ќе се предизвика со вакцината мора да се искористи да се промени однесувањето на пациентот. Ако се сведе само на вакцина, не е направено ништо.

Вакцина во комбинација со психотерапија

Gruppentherapie auf Sat 1
Вакцината во комбинација со психотерапија дава најдобри резултатиФотографија: dpa

Освен тоа, вакцината делува само неколку месеци – после тоа мора повторно да се прими. Американските лекари дошле до заклучок дека најдобрата комбинација за зависниците од кокаин е да добијат вакцина, но и да се согласат на психотерапија. Иако  и стекнувањето знаење, како да се излезе на крај со сопствената потреба да се биде „high“ може да потрае и по три години. Но, ако се успее во тоа, овие зависници по правило најмалку по пет години повеќе не ја чувствуваат потребата за дрога.

Оваа вакцина се´ уште не е дозволена за општа употреба, а американските истражувачи веројатно чекаат уште поопсежно истражување за на надлежните служби да им докажат дека не е штетна. Покрај тоа, доктор Костен тврди дека многу зависници од кокаинот навистина сакаат да ја прекинат својата зависност: за тоа сведочи и многу долгата листа на чекање за доброволните испитаници кои сакаат да ја примат вакцината.

Автор: Марике Деген / Светлана Брик

Редактор: Ж.Ацеска