1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Важно е дијалогот да не запре“

Марко Лангер/ Жана Ацеска19 ноември 2014

Германската канцеларка е лута на Владимир Путин, а германскиот министер за надворешни работи е во дипломатска мисија. Прво беше во Киев, па во Москва, па синоќа во Кремљ. Дали е на повидок некое приближување?

https://p.dw.com/p/1Dpbt
Фотографија: AP

Во фокусот на разговорите на шефот на германската дипломатија во Киев и во Москва секако беше конфликтот во Украина. Но, во руската престолнина Франк-Валтер Штајнмаер го опомена руското раководство на преземање заеднички напори и во другите кризни жаришта на меѓународната политика. Како пример тој го наведе Иран и борбата против терористичката милиција Исламска држава. Неочекувано, Штајнмаер синоќа беше поканет на состанок кај рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.

„Сериозно и отворено“

Од кругови на германската делегација, по околу 75-минутниот разговор во Кремљ, се вели дека тој бил „сериозен и отворен“. Размената на мислења се водела околу „патиштата за излез од украинската криза, што можат да отворат нови перспективи во соработката“. Последен пат Штајнмаер се сретна со Путин во февруари, кратко пред анексијата на полуостровот Крим од страна на Русија. Штајнмаер синоќа со задоцнување се врати во Берлин по вечерата кај неговиот домаќин. Путин на викендот четири часа разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел на маргините на самитот на Г20 во Австралија, без да дојде до вистинско приближување на ставовите.

На заедничката конференција, шефовите на германската и на руската дипломатија не ги криеја разликите во оценката на конфликтот во источна Украина. Штајнмаер зборуваше за „вистински сериозна криза за европскиот мировен поредок“. Претходно, по разговорите со украинскиот претседател Петро Порошенко тој предупреди од „крупна воена конфронтација“. Германскиот министер ги повика сите страни во конфликтот конечно да се придржуваат на одредбите од договорот за примирје склучен уште во септември во Минск. Истовремено, тој предупреди: „Но, веќе е време да се мисли и на нешто друго освен на Украина. Треба да се справиме со неколку други закани во светот“.

Steinmeier und Lawrow in Moskau 18.11.2014
Франк-Валтер Штајнмаер и Сергеј ЛавровФотографија: picture alliance/AP Photo/I. Sekretarev

Шанси за договорот од Минск

Русија, според зборовите на Сергеј Лавров, е подготвена да го продолжи т.н. Мински процес без услови. Истовремено, тој го обвини украинското раководство во Киев за торпедирање на постигнатиот договор. Во врска со германско-руските односи, Сергеј Лавров изјави: „Без оглед на сите разлики во оценката на ситуацијата во Украина, важно е дијалогот меѓу нас да не прекине“. Тој не се осврна на говорот на германската канцеларка Ангела Меркел, која на викендот остро ја критикуваше Русија.

Украинскиот премиер Арсени Јацењук ја повика Русија на преговори на неутрален терен.

„Се‘ зависи од рускиот претседател и неговото опкружување “, изјави Јацењук, како што пренесува новинската агенција Интерфакс. Москва ова го отфрли: украинското раководство не треба да разговара со Русија, туку со бунтовниците во источна Украина.

Германскиот министер за надворешни работи нагласено побара од Киев, Москва и проруските сеператисти подеднакво да се придржуваат на договореното примирје. Притоа, како пример ги спомена размената на заробеници, надгледувањето на границата и демилитаризацијата. Целта, меѓу другото, е почеток на разговори на контакт група под закрилата на Организацијата за европска безбедност и соработка, ОБСЕ.

Украинскиот претседател Петро Порошенко на својот гостин Штајнмаер му предаде документ со кој Киев ги наведува наводните прекршувања на примирјето од страна на Русија.

„Русија не исполни ни еден единствен критериум од договорот“ , рече претседателот.

Генералниот сектретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел предупреди дека руското раководство масивно ја вооружува војската на границата кон Украина.

„Зборуваме за трупи, за вооружување и за артилерија“, рече тој. Столтенберг побара повлекување на руските трупи, што не е првпат, ниту е тој единствен што тоа го бара.