1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едни кршеа со камења, други со пендреци

Катерина Блажевска13 април 2016

Масовни протести и судири во Скопје. Народната канцеларија на Иванов беше демолирана, а при обидот да го „освојат“ Министерството за правда, демонстраните жестоко се судрија со полицијата.

https://p.dw.com/p/1IUxx
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Повреден новинар и фоторепортер, десетина приведени и демолирана народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов во центарот на градот, е билансот од вечерашниот протест кој помина во тензична атмосфера. Демонстрантите се судрија со полицијата, откако се обидоа да го пробијат кордонот полицајци и да се упатат кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во текот на целиот протест полицијата и демонстрантите постојано се надмудруваа - едните менуваа локација, другите веднаш ги разместуваа полициските ресурси. И овој марш во кој учествуваа околу 4.000 луѓе, започна пред канцелариите на Специјалното обвинителство и продолжи кон канцеларијата на претседателот Иванов во центарот на градот.
Дел од учесниците во протестот револтот го изразија со фрлање јајца, неколку чадни бомби и со палење на фотографии на шефот на државата. Приодите кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ беа блокирани од силно полициското обезбедување.
„Таа партиска палата е изградена од наши и ваши пари“, им дофрлуваа граѓаните на полицијаците во заштитниот кордон. Протестот кратко продолжи пред Собранието, со неколку неуспешни обиди на демонстрантите да го пробијат кордонот и да тргнат кон штабот на владејачката партија.
„Од кого ги штитите? Од нас, граѓаните кои го полниме буџетот“, бурно реагираше пред полицајците, 62-годишниот скопјанец Стојан Лазаревски.
„Досега никогаш не сум бил на протест. Не сум партиски член, а и не следам многу политика. Но, одлуката на Иванов, како да кажам, ми предизвика земјотрес. До вчера казнуваа луѓе што на диво продавале коприви за да можат да си купат парче леб, а сега ќе амнестираат некого за толкави криминали. Не може така. Ќе не натераат сите улицата да ја претвориме во дом. Овде ќе се преселиме додека тие не си заминат од власт“, категоричен беше Лазаревски.
Заедно со демонстрантите и тој повторно се упати пред канцеларијата на Иванов. Таму тензијата почна да расте, но и покрај брзата интервенција на полицијата, канцеларијата за кусо време беше домолирана. Учесници во протестот извадија дел од мебелот и го запалија среде улица.
„Не е добро да се крши, да се демолира, но кој ќе ја казни власта што ја демолираше државата? Не дојдов да кршам. Барам да се чуе мојот глас дека сакам да живеам во правна, а не во мафијашка држава“, вели студент од Правниот факултет, гледајќи како паѓа и последното искршено стакло од народната канцеларија на претседателот и поранешен професор на Правниот факултет.
Веднаш потоа дел од демонстрантите тргнаа во „освојување“ на Министерството за правда.
„Внимавајте доаѓа полиција од три страни. Ќе не стават во сендвич“, предупреди некој од групата. Во моментот кога почнаа да страдаат првите прозорци на министерството, полицијата од три страни тргна офанзивно кон демонстрантите. Полицијата одговори брутално. „Паднаа“ првите пендреци и приведувања. Групата демонстранти брзо беше разбиена и се повлече кон плоштадот.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Канцеларијата за кусо време беше домолирана. Учесници во протестот извадија дел од мебелот и го запалија среде улица.Фотографија: DW/P. Stojanovski
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Во текот на целиот протест полицијата и демонстрантите постојано се надмудрувааФотографија: DW/P. Stojanovski

Протести во Скопје против Иванов


Повреден беше и новинарот на Плусинфо, Горан Наумовски, кој со возило на Брза помош веднаш беше однесен во Градската болница. При судирот на демонстрантите со полицијата повреден бил и Наќе Батев, уредник на фотографија во весникот Вечер. Според организаторот, здружението „Протестираме“, за утре се најавува уште помасовен протест.