1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот дебатира за азилантите од Западен Балкан

Бернд Греслер/ Жана Ацеска6 јуни 2014

Германската влада сака да го запре приливот на баратели на азил од Западен Балкан. Тоа се однесува првенствено на Синтите и Ромите. Опозицијата ја критикува владата за овој чекор.

https://p.dw.com/p/1CDn9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската владејачка коалиција од Христијанско-демократската, Христијанско-социјалната унија и Социјалдемократската партија сака со нов закон да ги прогласи Србија, Македонија и БиХ за сигурни земји и со тоа да ја скрати драстично постапката за барање азил. Надлежната Сојузна служба за миграција и бегалци со тоа по правило поаѓа од неосновани барања за доделување азил. Барателите, најчесто Синти и Роми, треба да докажат дека се прогонувани, во спротивно ќе бидат одбиени. За жалба на таквата одлука имаат рок од една недела. Досега како сигурни земји на потекло се сметаа сите членки на ЕУ, како и Гана и Сенегал.

Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Томас де Мезие во образложението на предлог-законот се повика на наглиот пораст на барања за азил од Србија, Македонија и БиХ во 2009 и 2010 година. Моментно една четвртина од сите барања за азил отпаѓа на овие земји. Се работи за миграција поради сиромаштија, што кај граѓаните наидува на растечко несогласување. Министерот вака го аргуменираше предлогот: „Одговорна политика на азил мора да биде така поставена што големата подготвеност за примање бегалци, која ја одликува германското општество, можат да ја користат оние на кои навистина им е потребна заштита“. Томас де Мезие притоа ја отфрли критиката од опозицијата и хуманитарните организации.

Унијата: Албанија и Црна Гора се исто така сигурни земји

Германија во рамките на ЕУ, без дилема, го прифаќа најголемиот број бегалци од кризната Сирија, зафатена од граѓанска војна, аргументира владата. Наспроти тоа, од 22.000 барања за азил од трите балкански земји минатата година се прифатени само 60, додека во 82 случаи правото за дозвола за престој се бара преку суд.

Поранешната шефица на опозиционата Партија на зелените, Клаудија Рот, побара владата да не ги спротиставува меѓусебно бегалците од Сирија и од балканските земји. Опозиционите Зелени и Левицата остро го критикуваат заострувањето на правото на азил, но поради распоредот на силите во Бундестагот, каде се малцинство, немаат никаква шанса да го сопрат законот. Уште повеќе, министерот Томас де Мезие навестува можност законот натамошно да биде проширен со класификација на Албанија и Црна Гора како сигурни земји. Во ЦДУ и ЦСУ за тоа постои согласност, но СПД пружа отпор.

Зелените и Левицата ја критикуваат владата за миноризирање на прекршувањата на човековите права во наведените балкански држави. Владата не ги зема во предвид сите достапни извори за оценка на дискриминацијата на која се изложени пред се‘ Синтите и Ромите.

Demonstration Bleiberecht
Фотографија: picture alliance/Markus Scholz

Тие го претставуваат грото на баратели на азил, но според најнова анкета на Универзитетот Лајпциг, населението се‘ помалку ги прифаќа. Околу 50 проценти од испитаните се изјасниле против пристап на Синтите и Ромите во потесните градски подрачја, а 55 проценти го сметаат за проблематично присуството на Синти и Роми во својата околина.

Левицата: „Растечко расположение против Ромите“

Ула Јелпке од Партијата на левите зборуваше за „растечко расположение против Ромите“ поттикнувано и преку дебатата за злоупотребата на правото на азил. Ваквата дебата претежно ја водат партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ. Но, Германија има историска одговорност за Синтите и Ромите, кои во времето на владеењето на националсоцијалистите биле свирепо прогонувани, смета Јелпке. Политичарката од Зелените Луизе Амтсберг ја обвини владата за „труење на климата“. Таа стравува дека во иднина барањата за азил од луѓето по потекло од овие три држави нема темелно да бидат разгледувани, туку барателите ќе бидат одбивани по кратка и брза постапка. Наспроти тоа, политичарот од СПД Ридигер Фајт смета дека надлежните служби одговорно вршат проверка за да ги прифатат луѓето на кои навистина им треба заштита.

Владата освен тоа се повикува и на фактот што трите балкански земји- Србија, Македонија и БиХ се сврстени во категоријата сигурни и од германските соседи Франција, Белгија, Луксембург, Австрија и Швајцарија.

Со истиот законски предлог, кој предвидува запирање на приливот баратели на азил од Западен Балкан, владата предвидува и едно подобрување за барателите на азил: тие веќе по три месеци ќе можат да работат, додека досега на таа можност требаше да чекаат девет месеци. По три месеци постапката за барање азил и онака ќе треба да биде завршена, истакна министерот за внатрешни работи Томас де Мезие.