1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бундесверот не може во Сирија и Ирак против ИД без мандат на ОН“

Сандра Шулц (Дојчландфунк) /Жана Ацеска13 октомври 2014

Единствени кои можат да преземат нешто против ИД се соседните држави и демократите во одделни земји каде делува ИД. Тоа се првенствено Сирија и Ирак, вели политичарот од Партијата на зелените во Германија, Том Кенигс.

https://p.dw.com/p/1DUsy
Фотографија: Reuters/Umit Bektas

Испраќање копнени трупи во Сирија, тоа е осетлива тема за владите во Вашингтон, Париз, Лондон и Берлин. Зашто, за такво сценарио мора да постои истовремено и стратегија за повлекување, со оглед на искуствата од Ирак и Авганистан. На оваа тема зборува политичарот од Партијата на зелените во Германија, Том Кенигс, кој има долгогодишно искуство во конфликти, посредувал во Косово и во Авганистан по налог на ОН.

Шулц: Претседателката на Вашата пратеничка група во Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт заговара ангажман на Бундесверот против Исламска држава, доколку постои мандат од ОН. Постои разлика во однос на 1999 година, кога Јошка Фишер на вонредниот конгрес на Зелените поради мисијата на Бундесверот на Косово беше погоден од кесе со боја. Дали сега повторно ќе бидат на потег пацифистите од Вашата партија?

Кенигс: Не можам да си замислам такво нешто, зашто сега станува збор за евентуална акција со мандат на ОН, што е целосно поинаку. Но, без мандат на ОН и при сегашната конфликтна ситуација не гледам простор за ангажман на Бундесверот. Мислам дека е потребен дипломатски однос кон Турција, зашто многу од клучевите за ставање крај на овој конфликт таа ги држи в раце.

Tom Koenigs
Том ХенигсФотографија: picture-alliance/dpa

Зелените се први што како пратеничка група заговараат мисија на Бундесверот. Сметате ли дека е задача на Вашата партија да постигнува мир со оружје?

Мислам дека тоа го интерпретирате предалеку во одредена насока. Се работи за тоа да се анимираат меѓународните организации за постигнување мир, зашто Турција самата тоа не може да го постигне, како ни Американците сами со воздушни напади. Конфликтот мора да добие интернационален третман, а ОН се вистинската адреса. Зашто, овде се работи за постоење горлив конфликт, треба да се размисли за пристапот кон него, а тоа може да се направи само со сините шлемови. Тоа што за жал Германија многу малку учествува во мисиите на сините шлемови е друга точка, затоа се води дискусија. Но, според мене, во моментов е поважно што во рамките на дипломатската заедница добива на тежина учеството на Турција во мировно решение, зашто засега таа одржува еквидистанца меѓу Исламска држава и курдските борци, што не смее да биде.

Тоа значи, правилен беше сегашниот зголемен притисок врз Турција?

Навистина правилен. Сепак, мора да се признае, Турција се наоѓа во исклучително тешка ситуација. Но, во моментов таа е соочена со загрозен внатрешен мир, што буди надеж Ердоган да се врати кон мировните понуди кон Курдите во земјата, зашто атмосферата е затруена, во Турција има веќе над 30 загинати.

Со месеци зборуваме за прашањето-што да се преземе против ИД за оваа терористичка група да се одврати од тероризирањето на Ирак и на Сирија, каде и натаму напредува. Ако ОН би Ве испратиле во Сирија или во Ирак, дали би го прифатиле тоа, или би одговориле-не учествувам во невозможна мисија?

Ако ОН испратат некого, кој е во состојба да придвижи нешто таму, секој би прифатил. Но, се разбира, тоа е големо прашање.

Значи, тоа е невозможна мисија, што значи во Ирак и во Сирија и натаму ќе остане како и досега?

Гледате како работи таму сегашниот претставник на генералниот секретар на ОН. Тој се обидува да делува ублажувачки врз различни сили, се обидува преку дипломатски потези. Тоа е важна работа, Штафан де Мистура е искусен дипломат. Би сакал само тој да придонесе до смирување чекор по чекор.

Но, што да се преземе против ИД, одговор не е на повидок?

Единствени кои можат да преземат нешто против ИД се соседните држави и демократите во одделни земји каде делува ИД. Тоа се првенствено Сирија и Ирак. Правилна е поддршката на Сириската слободна армија, која сега се засилува и преку обучувањето. Би сакал Турција тоа да го направеше многу порано, зашто Слободната сириска армија, односно умерените борци во Сирија се понудија да помогнат и во Кобане. Тоа Турција не го дозволи.