1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот има задача да го чува мирот во Авганистан

29 август 2005

Војниците на Бундесверот во Авганистан имаат задача да се грижат за мирот и стабилноста. Нивна задача не е уништување на полињата со афион. А, борбата против дрогата во Авганистан е првата и главна задача на министерството за внатрешни работи. Во Авганистан не може да има стабилност, доколку не се уништи производството на опиум.

https://p.dw.com/p/Acjh
Војници на Бундесверот во Авганистан
Војници на Бундесверот во АвганистанФотографија: dpa

Шишарките на афионот се полни со сок. Полињата се црвенеат и тоа е единствената боја во шкртата природа на Авганистан. Никаде на светот не се прави толку опиум – материјал од кој се состои хероинот. Речиси 90% од хероинот кој се употребува во светот потекнува од авганистанските полиња.

Но, според една студија на ОН – на повидок има надеж. Речиси во сите провинции во Авганистан опаѓа производството на опиум. Авганистанскиот министер за борба против дрогата, Хабибула Квадери, е сигурен дека производството на дрога во неговата земја сосема ќе исчезне.

“Со божја помош, за пет години сосема ќе го уништиме производството на опиум во Авганистан.“

Во ОН се претпазливи, па се претпоставува дека тоа би траело 15 до 20 години, доколку пресвртот во земјата се одвива како што треба и доколку опадне консумирањето дрога во светот. За да ја исполни својата визија, на министерот за борба против дрогата му недостигаат 250 до 300 милиони долари. Затоа, тој од меѓународната заедница бара исполнување на ветеното и уплаќање средства во, за таа цел, предвидените фондови.

Ниедна друга билка не ветува толкав приход како афионот. Еден селанец кој произведува опиум заработува околу 1 500 долари, или 15 пати повеќе отколку кога би произведувал пченица. Бизнисот со дрога во Авганистан носи три милијарди долари, или половина од вкупниот приход на народот. Дорис Буденберг, шеф на бирото на ОН за борба против дрога во Авганистан, вели:

“Еден трговец на големо нема да се откаже од голем дел на своите приходи без притоа да реагира. Тоа тој не може да си го дозволи.“

Економскиот пораст придонесува за стабилност, а Авганистанците ништо не ценат повеќе од мирот и стабилноста, смета генералот на војниците на Бундесверот, Ханс Кристоф Амон, кој командува со германскиот контингент во Кабул:

“Тие сакаат конечно мир и сакаат да ја поттикнат земјата да напредува, и пред се, сакаат, се разбира, да си ја подобрат сопствената ситуација и услови за живот.“

Но, без борба протв дрогата во Авганистан нема да има стабилност. Специјални единици на авганистанското министерство за внатрешни работи се во целата земја зафатени со уништување на полињата со афион и притоа имаат поддршка од британски и американски војници. Бундесверот се држи настрана. Палењето полиња со афион и уништување лаборатории за дрога не припаѓа кон задачите на војниците стационирани во Авганистан. Нив ги има околу 2 200.

“Ние, согласно нашите задачи, можеме да дејствуваме само индиректно.“

Се разбира, војниците ги држат очите отворени и ги пријавуваат полињата со афион. Но, полињата црвенеат во шкртата авганистанска природа далеку од главните улици и патишта по кои патролираат војниците.