Брисел покрена истрага за расипаното месо од Полска
1 февруари 2019Контролите од Брисел на почетокот на наредната недела би требало да почнат со анализа на ситуацијата во врска со скандалот со расипано месо. Фабриката од каде потекнува месото во меѓувреме е затворена, а месото е повлечено до пазарот. Од скандалот се погодени најмалку 13 земји, меѓу кои и Германија.
Полската телевизија ТВН24 објави дека во кланица во Мазовјецкото војводство во Полска тајно се колат и болни животни и дека тоа месо потоа се продава. Репортер на телевизијата се уфрлил во кланицата, каде работел повеќе месеци.
Портпаролка на Европската комисија денеска во Брисел изјави дека листата на земји каде се продавало месо од болни животни би можела да се промени. Според досегашните сознанија, погодени се Германија, Франција, Шпанија, Естонија, Финска, Унгарија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка, Шведска и Португалија.
Германската служба за заштита на потрошувачите и за безбедност на прехранбените намирници БВЛ соопшти дека количествата расипано месо кои завршиле во Германија се мали. Се проценува дека околу 50 килограми месо во Германија влегле преку Франција. Доколку тоа месо сѐ уште не се нашло во продажба, нема да има јавно предупредување за населението.