Борусија (Д) прв финалист во Купот
21 март 2012Актуелниот германски првак, екипата на Борусија Дортмунд, по голема борба и продолженија од двапати по 15 минути, го победи Гројтер Фирт и избори пласман во финалето на националниот Куп. Единствениот гол, пред 15.000 гледачи на Троли Арена, го постигна Илкај Гундоган во 120-та, последна минута од натпреварот.
Дуелот во кој се сретнаа водечките екипи на табелата во првата и втората Бундеслига, не го красеше висок квалитет, но изобилуваше со борбеност и битка до последните атоми на силата. Обете екипи имаа шанси да го решат мечот во своја полза. Борусија (Д) беше подобра во првите 60 минути, додека домаќините доминираа кон крајот на мечот.
Судбината сурово си поигра со босанскиот голман Фејзиќ и неговиот тренер. Тренерот на Гројтер Фирт, Мајк Бускенс, го стави Фејзиќ, кој важи за специјалист за одбрана на пенали, во игра во 118. минута. Борусија (Д) го изведе последниот напад на мечот. Гундоган биеше од 20-ина метри, а топката одбивајќи се од стативата на голот на Гројтер Фирт заврши во грбот на Фејзиќ и во мрежата на домаќините.
Борусија последен пат во финалето на Купот играла во сезоната 2007/2008, а на титулата „милионерите“ и‘ се радувале во сезоната 1988/89.
Противник на Борусија во финалето ќе и‘ биде победникот од второто полуфинале, кое вечерва го играат Борусија Менхенгладбах и Бајерн Минхен.
Во двата претходни дуели сезонава на овие два тима во првенството, Борусија (М) на двапати го совлада Бајерн.