1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БНД ги шпионирал Турција, Кери и Клинтон?

ЖА/дпа/афп/ртре/шпигел16 август 2014

Германската разузнавачка служба БНД покрај Хилари Клинтон, го шпионирала и нејзиниот наследник, Џон Кери. Магазинот „Шпигел“ објавува дека била прислушувана и Турција, сојузникот од НАТО.

https://p.dw.com/p/1Cvom
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според информации на информативниот магазин „Шпигел“, германската тајна служба БНД со години ја шпионирала Турција, можеби до денес. Германскиот сојузник од НАТО, од 2009 година бил дел од се‘уште актуелниот налог на владата како официјална цел на разузнавање. Владата секои четири години ги утврдува тежишните цели на разузнавачката служба БНД. Актуелниот профил се‘уште не е обновен поради скандалот со НСА, пишува „Шпигел“. Освен тоа, БНД не само што ја прислушувала американската екс- министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон, туку и нејзиниот наследник на функцијата, актуелниот шеф на американската дипломатија, Џон Кери. „Шпигел“ тврди дека бил пресретнат најмалку еден разговор на Џон Кери. Негови телефонски разговор воден преку сателит во 2013 година, случајно влетал во надгледувачката мрежа на БНД, „распната“ над Блискиот Исток, исто како и една година претходно со телефонскиот разговор на Клинтон. Информациите на „Шпигел“ велат дека Клинтон во таа прилика разговарала со генералниот секретар на ОН, Кофи Анан. Двата разговори не биле намерно прислушувани, туку билепресретнати случајно, во рамките на други операции, пишува неделникот, повикувајќи се на извори од безбедносни кругови.

Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и телевизиите НДР и ВДР претходно денеска објавија дека агенти на германската државна безбедност снимале разговор и на претходничката на Кери, Хилари Клинтон, во времето кога таа беше државен секретар на САД.

Symbolbild Spionage BND Türkei Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската служба за државна безбедност снимила најмалку еден разговор во кој учествувала Хилари Клинтон во време додека била државен секретар на САД. Освен тоа, германската влада наредила прислушување на еден НАТО-партнер, тврдат новинарите на весникот „Зидојче цајтунг“ и телевизиите НДР и ВДР по заедничкото истражување. Ова произлегува од документите кои двојниот шпион од БНД, уапсен во јули, им ги предал на агенти на американската тајна служба ЦИА. Тој во меѓувреме призна дека во изминатите две години на Американците им предал над 200 документи. Од нив произлегува дека Клинтон била снимена за време на разговорот што го водела во владиниот авион кој надлетувал во кризен регион каде БНД ги надгледувала комуникациите. Не е објавено прецизно ни кога нејзиниот разговор е снимен, ниту на која територија авионот се наоѓал во моментот на прислушување.

Според медиумите, ова откритие би можело да го посрамоти официјален Берлин, со оглед дека токму Германија го критикуваше Вашингтон поради шпионажа.

Германските медиуми наведуваат дека неименувани извори на германската влада објаснуваат дека Клинтон е снимена случајно и оти тоа не било дел од какво било планирано шпионирање на високата функционерка на САД.

Но, Клинтон не била единствен случај, зашто, според трите германски медиуми, порано повеќепати биле снимени разговори на политичари од САД и други сојузнички држави и снимките предавани на директорот на БНД. Но, и тогаш никогаш не се работело за целно прислушкување. И германската влада, како и портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа одбија да ги коментираат новинарските написи.