1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блекрок-тајниот владетел со светот на парите

Миријам Браун/К.Краљевска22 август 2015

Блекрок е најголем менаџер во светот. Но, тој огромен и моќен концерн е обвиткан со тајни. Сега е објавена прва книга, која навлегува зад кулисите на неговото делување.

https://p.dw.com/p/1GHK9
Фотографија: picture-alliance/dpa/BlackRock

Станува збор за прва книга во светот, која е некогаш напишана за „Црниот камен“ од Њујорк. Името Блекрок е познато најчесто само на внимателни читатели на економски рубрики. И Хајке Бухтер, германска дописничка од САД, специјализирана за економија, пред неколку години во текот на свои истражувања често се сретнувала со него. „Некои банкари говореа за него. Или, кога стануваше збор за проверка на портфолио на централни банки, се споменуваше името Лери Финк“, се потсетува новинарката, која повеќе од една година известува од Вол Стрит.

„Одеднаш тоа име започна секаде да се појавува“

„Тоа име воопшто не ми беше познато пред финансиската криза, а по неа насекаде можеше да се слушне. Насекаде!“, вели таа. За време на интервју, некој информатор ја замолил да говори потивко, со објаснување дека верува дека некој од Блекрок е во кујна и дека би можел „да им плукне во супа“. Таа, во својата книга Блекрок го опишува како „најмоќен концерн, кого никој не го познава“. Блекрок во своите фондови управува со вредност од 4,7 милијарди долари. Преку платформи за анализа и трговија, овој концерн „врти“ повеќе од 14 милијарди долари. Но, влијанието на Блекрок ги надминува инвестициите и хартиите од вредност.

USA Heike Buchter
Хајке БухтерФотографија: DW/M. Braun

Финансиска мрежа низ цел свет

„Блекрок советува централни банки, вклучувајќи и министерства за финансии, како и големи инвеститори и државни фондови. Исто така и пензиски фондови во САД, осигурување и фондации“, објаснува Бухтер. А претпријатијата ги финансира преку обврзници и капитал. „Всушност нема ништо на пазарот на финансии, каде Блекрок не’ е вклучен во некој облик“, додава Бухтер.

Од еден неугледен облакодер во Менхетен, Лери Финк, шеф на Блекрок и негови менаџери плетат мрежа низ цел свет. Концернот, на тој начин, е голем акционер во големи американски банки и држи голем дел од акции во нафтени концерни и индустрија за оружје. Фондовите на Блекрок се, целокупно гледано, и најголеми сопственици на компании, кои го прават германскиот индекс Дакс.

Тоа само по себе не е опасно, укажува Бухтер, но е многу значајно и претставува голем потенцијал на моќ: „Во денешно време си моќен тогаш кога држиш четири, пет или шест отсто од акции во некоја компанија. Можеш да се јавиш и лично да го добиеш шефот.“

Кога во Германија автомобили течат на лента и рудари во Јужна Америка вадат руда, фондовите на Блекрок од тоа жнеат профит, а со тоа и негови клиенти, исто како и кога американски научници развиваат нови лекови или во Африка од рудници се вади злато. Хајке Бухтер вели дека никој не може со сигурност да каже каде тука може да се појави проблем, бидејќи Блекрок секаде има свои прсти, па секогаш постои можност на некое место да се појави судир на интереси.

Така, на пример, некоја фирма може да поседува хартии од вредност кои ги држи Блекрок и истовремено да издава хартии од вредност, кои исто така ги држи Блекрок. „А кој ќе се осмели да го обвини еден од најголемите и највлијателните главни акционери, кој уште е и доверител“, вели Хајке Бухтер.

Подемот на Лери Финк

Се’ започнало во доцните осумдесетти како „екстра“ работа на едно приватно акционерско друштво. Тогаш Лери Финк - кој претходно бил брокер во инвестициската банка „Фрст Бостон“, каде поради неточна прогноза за развој на камата и губиток од 100 милиони долари ја уништил својата репутација - е ангажиран за работа со хартии од вредност и обврзници.

Бухтер во својата книга го пишува следново за Финк: „Највлијателниот човек во модерниот свет на финансиите на прв поглед изгледа како негов сопствен сметководител“. На Лери Финк, според нејзиното мислење, му успеало нешто што не успеало на никој друг во времето во кое живееме: „Тој изградил сопствено царство на Вол Стрит. И тоа за помалку од три децении.“ А за тоа е потребно прилично јако его и неверојатно многу амбиција, заклучува новинарката.

USA Roboter Laurence Fink Chef vom Finanzkonzern BlackRock
Лери ФинкФотографија: picture-alliance/dpa/F. Robichon

„Истерувачи на духови“ на Вол Стрит

Интересно е тоа што токму финансиската криза иницирана од банкротот на инвестициската банка „Леман Брадерс“ била забрзувач за успехот на Блекрок. Фирмата беше позната по својата експертиза во анализите и „разврзување“ портфолија на хипотекарни хартии од вредност, за барем да се ограничи штетата. Од мали менаџери така станале „спасувачи“ и „истерувачи на духови“ на Вол Стрит, пишува Бухтер во својата книга. Следеле и телефонски повици на Фед, американска централна банка. Тим Гајтнер, тогашен министер за финансии, на шефот на Блекрок му се обраќал на име.

„Би било добро сето тоа да се погледне малку подлабоко“, смета Бухтер. Таа, додуша, смета дека досега за регулирање на пазарот не недостигала добра волја, но проблемот е во комплексноста на ситуацијата и фактот дека Блекрок секаде има свои прсти. „Секоја област одделно не е проблем“, вели новинарката, но додава дека кога ќе се насоберат сите заедно, одеднаш имаме слика, која го наметнува прашањето: какво чудовиште направивме овде?

Блекрок - мозаик

Хајке Бухтер малку подобро погледнала и напишала 280 страници за концернот. На нив настанал мозаик од информации од широка палета - од косопственост на Блекрок на германски компании се‘ до советување за спасување на Грција. Притоа нејзина цел, таа вели, не била да вперува прсти и да обвинува, туку да просветлува и да го привлече вниманието на јавноста на овој финансиски гигант, кој во некоја рака е и производ на начинот на кој функционира финансискиот свет.

„Луѓето секогаш, како и во секој друг сектор, би сакале да се знае точно кој е кој и како се’ функционира“, резимира Бухтер. Но, тоа не е така и тоа секогаш многу ги лути луѓето. Во текот на своите истражувања таа дошла и до заклучок дека „финансискиот систем постојано се менува и дека е во постојано движење. И дека не може секогаш јасно да се препознае кој каква улога има.“