1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билт очекува успех на Западниот Балкан во Сараево

23 март 2010

ЕУ мора да го обезбеди присуството на сите земји од Западен Балкан на претстојната конференција во Сараево, а битно е таа да донесе и конкретни резултати, вели за ДВ, шефот на шведската дипломатија, Карл Билт.

https://p.dw.com/p/MZnv
Шведскиот министер за надворешни работи Карл БилтФотографија: AP

По делумниот неуспех на конференцијата на Брдо кај Крањ, европските дипломати се надеваат дека следниот сличен собир на земјите од Западниот Балкан, планиран за јуни годинава во Сараево, ќе донесе поголем успех.

Конференција на земјите од Западниот Балкан, одржана изминатиот викенд во Словенија покажа дека регионот е способен самиот да ја преземе иницијативата, вели шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт. Тој оценува дека на самитот во Брдо кај Крањ имало квалитетна дискусија, но недостасувало учеството на Србија.

„Со недоаѓањето на Србија секој во некоја смисла загуби. Србија загуби, но и регионот во целина. Србија е важен играч, бидејќи е најголемата земја во регионот, но исто така би жалел доколку на конференцијата отсуствуваше и некоја помала земја. Регионалната соработка мора да биде регионална и сеопфатна“.

Не сакајќи да навлегува во причините за недоаѓањето на претседателот на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпој и на шефот на шпанската дипломатија и актуелен претседавач со Унијата, Мигел Анхел Моратинос, Билт вели дека е најважно тоа што на конференцијата се појавил Штефан Филе, еврокомесарот за проширување.

Според Билт, клучно за ЕУ е во пресрет на конференцијата во Сараево однапред да го реши прашањето за присуството на сите земји од регионот.

„Постојат различни начини за да се реши тој проблем, бидејќи на сите им е важно тоа да се случи. И во минатото беше можно сите земји од регионот да се соберат на едно место, и мислам дека е тоа можно и сега“.

За БиХ е најбитна економијата, за Србија - Хаг

Balkan-Konferenz in Brdo
По неуспехот во Брдо, надежите се свртеа кон СараевоФотографија: Daniel Novakovic

Што се однесува до состојбата во БиХ, Билт не очекува голем напредок на политички план, имајќи предвид дека се работи за изборна година, а за најтешка задача во земјата го смета санирањето на економската и социјалната криза.

„Мислам дека за БиХ е неопходно, без разлика на Бутмирскиот процес, да постигне договор со ММФ. Доколку БиХ не добие пристап до фондовите на ММФ, ќе се најде во сериозни социјални и економски проблеми“.

Во однос на Србија, единствената препрека за напредок кон ЕУ, според шведскиот дипломат, е соработката со Хашкиот трибунал. Косово во тој контекст не игра никаква улога.

„Она што е потребно и што го добиваме од страна на Белград е соработката по одредени прашања. Кога е во прашање признавањето на независноста на Косово, договорот е дека не се согласуваме околу тоа. Меѓутоа мораме заеднички да работиме, без оглед на несогласувањата“.

Автор: Марина Максимовиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска