1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авторитарниот режим ја оддалечува Македонија од ЕУ

Борис Георгиевски4 февруари 2015

Обвинувањата против опозицијата се уште еден чекор кон авторитарност во Македонија, вели за ДВ професорот Флориjан Бибер. ЕУ мора да испрати јасна порака до регионот дека недемократското однесување е неприфатливо.

https://p.dw.com/p/1EVHX
Фотографија: privat

Каква е вашата проценка за политичката состојба во Македонија откако премиерот Груевски го обвини лидерот на опозицијата Заев за обид за пуч. Дали е ова почеток на нова, голема криза, и каков расплет очекувате?

Бибер: На ова гледам како на уште еден засилен чекор кон авторитарност во Македонија. Во секој случај, да се обвини претседателот на најголемата опозициска партија за пуч е преминување на линијата и ескалација на конфликтот. Конфликтот меѓу власта и опозицијата го достигнува климаксот, затоа што може да има само еден победник. Од една страна, доколку Заев поседува инкриминирачки материјали - „бомбата“ за која зборува, и притоа не се обидува да постигне некаков договор со Груевски, заканувајќи му се дека ќе ги објави материјалите, тогаш треба веднаш да ги објави тие материјали, а штетата за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде огромна. Но, дури и доколку документите се веродостојни, а Заев се обидувал да направи некаков договор со премиерот, тоа може фатално да ја дискредитира опозицијата и да ја зајакне владата.

Македонија е земја- долгогодишен кандидат за членство во ЕУ. Каде можат да се бараат корените за ваквиот развој на состојбата?

Бибер: Корените ги гледам во авторитарниот режим на Груевски кој систематски ја оддалечува Македонија од демократските правила во последните девет години. Грчката блокада притоа е корисна алатка за да се префрли вината за тоа врз Грција.

Често пишувате и предупредувате за авторитарните тенденции во регионот на Југоисточна Европа. Како би го квалификувале владеењето на македонскиот премиер Никола Груевски?

Бибер: Сметам дека тој е дел од авторитарниот образец. Постојаната кампања, контролата врз медиумите, апсурдните „споменични“ кампањи, сето тоа се карактеристики на авторитарност. Последните случувања и обвинувањата на сметка на лидерот на опозицијата се само дополнителен доказ за тоа.

Какви се сличностите во тој контекст со земји како Унгарија, Србија, Турција, па дури и Русија, каде гледаме слични тенденции?

Бибер: Постојат сличности со случувањата во Србија, Унгарија, Република Српска, Црна Гора и Турција, со Русија помалку. Во Русија никогаш немаше демократски промени преку избори и таму Путин едноставно го презема системот и го усоврши, но без силна опозиција. Останатите влади ги балансираат нивните тврдења дека се про-ЕУ и демократски со репресија. Тоа ја прави нивната стратегија помалку очигледна и потешка за спротивставување. Некои користат национализам, како Груевски и Додик, додека другите се фокусираат на борбата против корупцијата и реформите, како Вучиќ или Ѓукановиќ. Но средствата за останување на власт се многу слични.

Има ли шанса да видиме поголем ангажман во регионот од ЕУ, или од држави како Германија или Австрија? По минатогодишната конференција во Берлин чиј домаќин беше германската канцеларка Меркел, се чини дека нема на повидок некои нови иницијативи.

Бибер: Постои малку зголемен интерес во Австрија, која ќе биде домаќин на следниот самит кој ќе биде продолжение на оној од Берлин. Верувам дека проблемот со демократијата и слободата на медиумите ќе се најде на агендата. Но притоа, мора да има далеку појасна порака од ЕУ и нејзините земји-членки дека ваквото недемократско однесување е неприфатливо.

Mazedonien feiert den Nationalfeiertag
Груевски е дел од авторитарниот образец во регионот, вели Флориjан БиберФотографија: MIA

Германското министерство за надворешни работи во изјавата по повод случувањата во Македонија за првпат го употребува терминот „демократска опозиција“. Има ли некаква посебна порака во користењето на оваа терминологија, со оглед на тоа што истата во пракса најчесто се користи за опозицијата во земји со недемократски режими?

Бибер: Се согласувам дека нарекувањето на опозицијата „демократска“ испраќа сугестија дека режимот не е тоа. Но исто така, тоа би можело да претставува јасен сигнал дека владата не треба да ја смета опозицијата за нелегитимна и дека се работи за демократски оправдана и легитимна опозиција.

Не мина незабележана реакцијата на руското министерство за надворешни работи по последните случувања во Македонија. Дали е ова сигнал за можен засилен ангажман на Русија во Македонија и во регионот?

Бибер: Руската реакција одразува две грижи на Москва. Прво, Путин е загрижен до ниво на параноја од опасноста од некаква „обоена револуција“ која би можела да се смета за пуч во Русија, а секако, тоа е и ставот на Русија во однос на соборувањето на Јанукович во Украина. Оттука, обвинувањата во Македонија одекнуваат на иста линија со чувствителноста на Путин. Второ, Путин гледа можност да создаде јаз на Балканот. Ставајќи се на страната на недемократските практики, ја отвора вратата за поголемо приближување кон Македонија, а со тоа и за намалување на влијанието на ЕУ. Во најголем дел, руската стратегија на Западниот Балкан е обид да и‘ се создадат максимум проблеми на ЕУ.

Флоријан Бибер е политиколог и професор на универзитетот „Карл Франценс“ во Грац, Австрија, каде раководи со Центарот за југоисточноевропски студии. Негова потесна специјалност се историјата и политичките системи во Југоисточна Европа, како и демократизацијата и етничките конфликти.