1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Беспомошниот НАТО

Кристијан Ф. Трипе; превод: Александар Методијев6 септември 2014

НАТО подвлече црвена линија за Русија. На самитот во Велс воениот сојуз одбра јазик на решителност во обраќањето кон Москва. Но, зад него се крие беспомошност, смета Кристијан Ф. Трипе.

https://p.dw.com/p/1D82K
Фотографија: Reuters/Rebecca Naden

Ретко кога претходно некој самит на НАТО беше толку воен. На местото на конференцијата беа донесени тенкови, а претфектен модел на еден борбен авион го красеше влезот на хотелот во кој се одржуваше самитот. Тоа откри дека НАТО се враќа кон неговата суштинска задача како одбранбен сојуз.

Тоа е одговор на надворешниот притисок, кој е речиси невозможно да биде избегнат. За некои земји-членки на НАТО сега е неизбежно да ги вратат назад старите изрази: застрашување и запирање, а тоа е јазик на Студената војна. Но, што поинаку би требала да каже една воена алијанса, кога старо-новиот противник спроведува политика на сила и со насилство ги менува границите?

НАТО реагираше на тоа со акционен план со кој треба да се смират пред се источните земји-членки, бидејќи таканаречената „Доктрина на Путин“ ги вклучи сите аларми во Талин и во Рига. Русија си го зема правото да интервенира за заштита на малцинството кое го зборува рускиот јазик. Путин на Крим покажа како се прави тоа и со што тоа ќе заврши. Во Естонија и во Латвија живеат големи руски малцинства, па причина за нивна „заштита“ може секогаш да се исконструира во Москва.

Но, трупите за брза интервеницја не ги решаваат безбедносните проблеми на Истокот. Тие најмногу што можат да понудат е заштита од „марсовци“, односно нерегуларни сили без ознаки на височеството, кои се инфилтрирани во некоја област. Воените лица во НАТО многу добро знаат дека Балтикот не може воено да се одбрани ако биде вовлечен во конвенционална војна. Значи, на Алијансата и’ е потребна една обновена стратегија.

01.2012 DW Europa aktuell Moderator Christian Trippe
Кристијан Ф. Трипе, специјален известувач на ДВ и автор на коментаротФотографија: DW

Актуелната воена калкулација на Алијансата се заснова на една едноставна премиса - дека рускиот претседател ја почитува црвената линија околу НАТО-областа. Или поинаку кажано, дека раководството во Москва ќе се импресионира од заемните ветувања за заштита и обврската на Алијансата во членот 5 од НАТО-договорот.

Но, што ќе биде ако Путин се одлучи со една „нехристијанска“ интервенција, со една воздушна операција во Балтикот да го „тестира“ членот 5? Да се умре за Талин? Да се вежба нуклеарна одмазда за Рига? Овие прашања не се академски и не остануваат ограничени само за пацифистичките групи. Овие прашања ќе се постават во НАТО. Трупите за интервенција не даваат одговор на нив.

А, Украина? НАТО на самитот не беше скржав кон Киев со гласни уверувања, најави за солидарност и симболични одобренија. Сепак земјата останува препуштена самата на себе во конфликтот со Русија. Алијансата не може да понуди реална помош. Украина се наоѓа надвор од црвената линија. А, тоа Путин сосема сигурно го разбра.