1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлински реакции на скандалот со војниците на Бундесверот во Авганистан

25 октомври 2006

Реакциите од политиката и армијата во Германија се остри и повикуваат на итно расветлување на целата афера. Марсел Фирстенау подготви преглед на најважните од нив.

https://p.dw.com/p/AdSo
Насловната страна на весникот „Билд„ со скандалозните фотографии
Насловната страна на весникот „Билд„ со скандалозните фотографииФотографија: AP

Надлежниот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг не остава ни малку простор за сомнеж во неговата решеност да ја расчисти аферата:

“Ваквото однесување е во дијаметрална спротивност со она што им го даваме на нашите војници при обуката и образованието. Сликите будат според мене згрозување. Истрагата се одвива со најбрзо можно темпо и доколку дојдеме до конкретни резултати, секако дека тие војници ќе бидат строго казнети.“

Осомничените војници веќе се испитуваат, соопшти Министерството за одбрана во Берлин. Тоа побарало од весникот “Билд“ да му ги достави фотографиите, на кои очите на војниците се покриени при објаувањето. Во потврда на автентичноста на снимките оди и фактот што како сведок се јавил војник, кој во времето кога се направени, значи пред три години, бил на служба во Авганистан.

На фотографиите остро одреагираа и политичарите во Берлин. Шефот на опозиционата партија на Либералите, Гидо Вестервеле предупреди сега да не се става целиот Бундесвер под сомнеж. А шефот на социјалдемократската група во парламентрниот одбор за одбрамбено политички прашања, Рајнер Арнолд порача:

“Јасно е дека овде станува збор за потфрлање на локалниот раководен кадар. Во принцип армијата и целото германско општество е многу гордо на тоа што нашите војници постапуваат многу внимателно со чувствителноста на локалното население при сите мисии во странство. Тоа е голема предност и квалитет на Бундесверот.“

Шефот на генералштабот на германската армија Волфганг Шнајдерхан, порача дека при обуката се води сметка за сите специфичности на земјата во која се испраќаат војниците:

“Ги обработуваме сите такви теми, како културната компетентност, но сепак не сме заштитени од можно погрешно однесување на поединци во одделни ситуации. Пред се‘ затоа што немаме можност од напред да ги предвидиме сите можности што произлегуваат од таква мисија.“

Шефот на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер смета дека со објавувањето на фотографиите во весникот “Билд“ е оштетен угледот на германската армија и на целата земја. Снимките се и навреда за илјадниците германски војници кои под најтешки услови во странство и‘ служат на татковината.