Берлиналето 2009 во факти
5 февруари 2009Програма:
На официјалната програма на Берлиналето се наоѓаат 386 филмови, главно светски и европски премиери, филмови од сите жанрови и формати, кои ќе бидат презентирани на 1238 проекции.
Фестивалски секции:
Берлиналето има различни секции, секоја со сопствен профил. Големите меѓународни кино-остварувања се прикажуваат во „натпреварувачката секција“, независните и арт-хаус филмови во секцијата „Панорама“. Специјалните кино-остварувања за младата публика се во секцијата „Генерација“, возбудливите нови откритија од германскиот филмски пејсаж во секцијата „Перспективи на германското кино“. Фокусиран поглед кон „далечните“ филмски земји и експериментални форми нудат филмовите од секцијата „Меѓународен форум на младиот филм“, а секциите „Ретроспектива“ и “Омаж“ се концентрираат најчесто на животното дело на големи филмски творци. Овојпат меѓутоа, во фокусот, со филмскиот формат од 70 милиметри, се наоѓа големото кино на 50-те години од минатиот век.
Кралска дисциплина:
Натпреварувачката секција. Оваа година во филмската палата на Берлиналето ќе бидат прикажани 26 меѓународни продукции, од кои 18 конкурираат за главните награди - „Златната“ и „Сребрените“ мечки.
Ѕвезди на фестивалот во 2009:
Клод Шаброл, Костас Гаврас, Франсоа Озон, Бертран Таверние, Деми Мур, Армин Милер-Штал, Клајв Овен, Мишел Фајфер, Киану Ривс, Кејт Винслет, Рене Зелвегер итн...
Жирија:
Ги има околу педесет. Најважното од нив, под раководство на шкотската актерка и добитничка на Оскар, Тилда Свинтон, ги доделува „Златнaтa" и „Сребрените мечки“.
Професионалци во кината:
Повеќе од 19 илјади стручни посетители од 120 земји, меѓу нив четири илјади новинари, се акредитираат секоја година за Меѓународниот филмски фестивал во Берлин.
Најдолг филм:
„Војна и мир“, со траење од 455 минути, снимен во 60-те години од минатиот век во Советскиот сојуз, ќе може да се погледне во секцијата „Ретроспектива“.
Најкраток филм:
„Меги и Милдред“, со траење од само 4 минути; ќе биде прикажан во програмата за краток филм за младите кино-посетители.
Најстар режисер:
Со своите 100 години, без сомневање, е Португалецот Маноел де Оливеира. Неговата турбулентна љубовна приказна „ Карактеристиките на една млада блондинка“, ќе биде прикажана во серијата „ Берлинале специјал“.
Најзастапена земја:
Германија со преку 90 филмови.
Најубав филмски наслов:
„Крајот на свињата е почеток на колбасот“ на Џон Едвард Хејс во секцијата „Панорама“.
Профил:
Мамутски настан, меѓутоа е и фестивал на средби и дискусии. Со повеќе од 180 илјади продадени влезници, Берлиналето не е само средба на филмската бранша, туку и фестивал со најбројна публика во светот. Две недели паралелно уметност, гламур, забава и бизнис.