Берзите се враќаат во живот
12 август 2011Европската служба за надзор на акциите и берзите во Брисел соопшти ноќеска дека Франција, Италија, Шпанија и Белгија ја забраниле продажбата на краткорочни акции. Со тоа треба да се спречи одредени сопственици на акции да профитираат од шпекулациите на пазарите.
Службата за надзор на француските берзи претходно веќе ја забрани продажбата на краткорочни акции на единаесет француски банки и осигурителни компании во рок од петнаесет дена, откако ден претходно разни шпекулации го разнишаа банкарскиот сектор во земјата. Се` почна со извештајот во весникот „Меил он сандеј“, според кој француската банка „Сосиете женерал“ наводно не само што се наоѓа во тешка состојба, туку дури е и пред банкрот. Според интернет страницата на банката, весникот се извинил за написот. И покрај тоа, акциите на „Сосиете“ загубија една петина од вредноста, но на крајот од вчерашниот ден сепак се опоравија и забележаа плус од три проценти.
Ова не е првпат властите да ја забранат или ограничат продажбата на краткорочните акции. Неколку земји тоа го сторија уште за време на економската и финансиска криза. Во Германија, на пример, тоа беше забрането по пропаѓањето на американската банка „Леман брадрс“. Париз исто така неколкупати ја забрани продажбата на шпекулативните хартии од вредност.
Извештај за Португалија, кризна комисија во САД
Во меѓувреме еврозоната продолжува со напорите за смирување на пазарите и стабилизирање на еврото. Денеска во Лисабон Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд ќе го претстават првиот извештај за спроведувањето на мерките за штедење на презадолжената Португалија. Од резултатот ќе зависи и исплаќањето на следната транша од пакетот за помош, во вредност од 78 милијарди евра.
И САД во САД се преземаат конкретни чекори за справување со финансиските тешкотии. Во Вашингтон беа именувани и преостанатите неколку члена од дванаесетчлената комисија, чија задача е да работи на надминување на должничката криза. По шестмина претставници од страната на републиканците и демократите имаат време до ноември да изработат предлози за консолидирање на американскиот буџет.
Автор: ТТ/ АТ/дв
Редактор: Александра Трајковска