Белграѓани гневни поради скапата елка
25 декември 2017Пластичната елка во српскиот главен град ги иритира граѓаните, зашто чинела рекордни 83.000 евра и претставува „само врв на ледениот брег од корупција и класичен пример на отуѓување пари од градската каса“, напиша во неделата весникот „Блиц“. „Најскапото новогодишно дрво во светот“ е изложено три дена пред истекот на јавниот тендер за него. Граѓаните своето незадоволство го изразуваат со постојано рачно пишување пораки во подножјето на елката. „Желба за 2018: неранимајковците да се најдат в затвор, наместо во парламентот“, пишува на едно ливче; „Градската управа в затвор!“ или „Градоначалникот да добие повеќегодишна затворска казна“, се дел од другите пораки. На Твитер се нижат жолчни коментари под хаштагот „83.000 желби“. Градоначалникот на Белград, Синиша Мали, и порано беше присутен во новинските наслови поради различни дубиозни работи. Меѓу другото, беа приложени докази дека неговата докторска дисертација е плагијат, а до денес останува непознато со чии пари купил 24 станови во Бугарија, како што пишува агенцијата ДПА.