1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград има двојна стратегија

16 февруари 2010

Австрискиот весник „Ди Пресе“ денеска на тема Косово ги анализира настаните по прогласувањето независност на Косово пред две години и констатира: Белград се‘ уште е повеќе фокусиран на минатото отколку на иднината.

https://p.dw.com/p/M2im

Бранот насилство од кој се стравуваше во регионот по едностраното прогласување независност на Косово изостана, исто како што нема ниту масовен егзодус на косовските Срби од енклавите на Косово, пишува „Ди Пресе“ и оценува:

„Тука добрите вести завршуваат. Зашто видлива стабилизација каква што очекуваше Западот исто така не се случи. Две години по принудната ампутација на ’колевката на српството’, Србија и натаму има големи фантомски болки. Криковите со текот на времето станаа потивки, но и политиката на проевропската влада, од пролетта 2008 година не се ориентираше кон терапија против болка. Таа, многу повеќе, води двојна стратегија - од една страна, дипломатски се бори за враќање на ампутацијата назад и за таа цел се обрати до Меѓународниот суд на правдата. Министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ, притоа, буквално го загуби тлото под нозете и минува повеќе време во воздух отколку на цврста почва. Мисијата на светскиот патник гласи - да се одвратат државите од идеја за признавање на Косово.

Службениците во северно Косово земаат две плати

Истовремено, Белград пумпа повеќе милиони евра месечно во паралелни структури за да спречи проширување на авторитетот на Приштина на целата територија на Косово. Притоа, сметката е направена без Србија во енкалвите јужно од реката Ибар. Тие многу добро знаат дека имаат шанса за поднослив живот само ако се договараат со албанското мнозинство. Србите населени северно до реката Ибар, кои живеат во компактни заедници близу границата со Србија, не гледаат причина за такво нешто. Сепак, голем број службеници таму добиваат две плати - од Белград и од Приштина.“

„Ди Пресе“ потсетува и на резолуцијата за Сребреница што треба да ја донесе српскиот парламент, истовремено споменувајќи ги и очекувањата на Србија државите во кои се извршени злосторства врз Срби да преземат ист таков чекор на осуда. Весникот на крајот заклучува:

„И така, минатото не сака да помине, владата култивира фантомски болки наместо да се грижи навистина за страдањата на населението, кое стенка под товарот на големата невработеност и огромните трошоци за живеење. Мнозинството Срби очекува спас од ЕУ, а владата за приоритет го прогласи приклучувањето кон Унијата. Доколку и натаму го следи досегашниот ангажман на Косово, земјата ќе може да стане член на ЕУ најрано заедно со Косово. А дотогаш има уште многу. Од тоа дали владата е подготвена да ја промени својата политика кон Косово, а никој не бара веднаш да го признае Косово, ќе се види дали благосостојбата на сопственото население навистина нешто и‘ значи.“

Автор: Ди Пресе / ЕМФ

Редактор: Александра Трајковска