1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без шамии на Косово, со џамија во Атина

9 јули 2010

Забраната за носење шамија и други религиозни симболи во косовските основни и средни училишта предизвика неочекувано силна реакција кај населението. Денешен „Ноје цирихер цајтунг“ донесува опсежна статија на оваа тема.

https://p.dw.com/p/OFCI
Без шамии на училиште и во КосовоФотографија: AP

„Тоа што исламот игра подредена улога во општествениот живот на албанското мнозинско население на Косово, можеби е поврзано со маргинализирањето на религијата од времето на поранешна Југославија. Преку две третини од тамошните муслимани не го практикуваат исламот активно. Дискриминација по религиозна основа речиси и да нема, а ја немаше дури ни за време на косовската војна - без оглед што во тоа време имаше разурнувања на религиозни објекти.

По крајот на војната во 1999 година, на Косово се проширија арапски хуманитарни организации со исламска провиниенција. Тоа се случи и во делови на Босна и Херцеговина. Но, на Косово и понатаму во јавноста, тукуречи, не се манифестира религиозната припадност. Дури и исламското правило за неконзумирање алкохол се толкува доста лежерно. Можно е владата во Приштина, врз основа на ваквата ситуација, да ја потценила можната реакција на забраната за носење шамија.

Kopftuch.jpg
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Мотивите на власта, пак, се чини дека се многу јасни. Бидејќи на Западот е зголемен сензибилитетот и за најмали исламистички придвижувања, Косово сака да се претстави како доверлив партнер, кој религиозните определби ги смета за приватна работа. Косово одгледува големи амбиции за членство како во ЕУ, така и во НАТО. Со строго лаицистичкиот пристап владата секако сметала дека ќе ги зголеми шансите во таа насока“, читаме во статијата на „Ноје цирихер цајтунг“.

Зошто нема џамија во Атина?

„Зидојче цајтунг“, пак, му посветува простор на проблемот со непостоењето џамија во Атина, каде во последно време се чини дека, сепак, има поместување. Во статијата читаме:

„Во петмилионската метропола, во меѓувреме живеат дури половина милион муслимани. Меѓу нив има Египќани, Сиријци, Палестинци, Ирачани, Албанци... Голем дел од нив се веќе одамна грчки државјани, но џамија за нив нема. Тие се снаоѓаат со објекти, кои инаку имаат друга функција. Атина е со тоа единствената европска метропола без функционална џамија. Тоа и остана, наспроти сите критики од американскиот Стејт департмент или од пратеникот на ЕУ за човекови права.

Athen putzt historische Stätten zur Olympiade heraus
Има ли место за џамија во градот под Акропол?Фотографија: AP

Но, чекањето се чини има крај. Донесен е закон, собрани се парите, најдена е и локација. ’Конечно’, вели Наим Елгандур, по потекло од Египет, кој нагласува дека е Грк, исто како и неговите деца, и дека меѓу другото служел во грчката војска. Муслиманите во Грција не се само нелегални имигранти, кои често се присутни во медиумите. Најголемиот дел од нив веќе одамна се чувствува тука како дома, вели Елгандур. Еден од доказите е дека секоја година грчките муслимани го изнајмуваат Олимпискиот стадион за молитва, по повод празникот Рамазан. Лани во него се слеаја 15.000 верници.

Отпорот против градењето џамија досега најчесто доаѓаше од Православната црква на Грција. Надбискупот Кристодулос во 2004 година го торпедираше градењето џамија на веќе одредената локација, блиску до аеродромот, со простото објаснување дека гостите, кои ќе доаѓаат на Олимпијадата, ќе мислат дека слетуваат во некоја муслиманска земја.

Olympiastadion Athen
Никако во близина на аеродромот на олимпискиот град!Фотографија: dpa

Дури со доаѓањето на новата влада на ПАСОК дојде до пресврт на овој план. Премиерот, министерот за одбрана и градоначалникот ги здружија силите и донесоа одлука да се гради џамија. И тоа таму каде што денес уште се наоѓа паркиралиштето на една стара воена база. Но, на маките на муслиманското малцинство во главниот град со тоа уште нема да им дојде крај. Тие, исто така, немаат муслимански гробишта, најблиските се на 800 километри од Атина, во Тракија, кадешто има големо турско малцинство. Трпение - спасение, вели Наим Елгандур. И плановите за градење на џамијата мораат уште да минат низ бавните мелнички камења на грчката бирократија“ - се вели во статијата на „Зидојче цајтунг“ под наслов: „Е тогаш градете - во име на Бога“.

Автор: Ноје цирихер цајтунг/Зидојче цајтунг/ГЧ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска