1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без добра статистика, нема ни здравствена политика

Катерина Блажевска23 март 2014

Македонија не располага со веродостојни и навремени податоци за бројот на заболени од одредени карциноми, што е пречка да се креираат политики базирани на докази, а не на претпоставки, велат здравствени експерти.

https://p.dw.com/p/1BUU3
Krebs Arzt Diagnose Symbol
Фотографија: Fotolia/ Alexander Raths

Предупредувањата дека годинава во Србија се очекува „експлозија“ на заболувања од сите видови рак, како последица радиоактивни материјали од бомбардирањето на НАТО во 1999 година, предизвикаа вознемиреност и во македонската јавност, поради близината со контаминираното подрачје. Според претседателот на српското „Друштво за борба против ракот“, д-р Слободан Чикариќ, годинава завршува т.н. латентен период од 15 години, по кој се појавуваат тешки видови канцер поради изложеност на радиоактивни материјали, како што е ураниумот 238.

Таков заклучок се изведува по експанзијата на леукемија и лимфоми во 2006 година во централна Србија, кога завршил латентниот период за тој вид канцер. Тогаш бројката на заболени била за 80 отсто поголема во споредба со претходниот период. Чикариќ проценува дека од сите видови тумори во Србија ќе има 40.000 заболени, од кои 22.000 ќе завршат со смртни последици. Тамошните експерти утврдиле дека во текот на НАТО-бомбардирањето на Србија паднале 15 тони радиоактивен материјал. На четири локалитети во Пчињскиот округ, кој граничи со Косово, пронашле радиоактивни зрна кои не се експлодирани и ги пренеле во Институтот „Винча“ како материјален доказ.

Лекарите посочуваат дека радиоактивниот прав влегува во човековиот организам преку дишните органи или преку водата и контаминирана храна, а откако ќе предизвика штета, од организмот се исфрла по 15 дена, така што кога лицето ќе заболи за пет, десет или 15 години, кај него веќе не можат да се најдат траги од ураниум.

Немаме веродостојни податоци

Какви се опасностите од ова за Македонија, поради близината со контаминираното подрачје, синџирот на исхрана, увозот на млеко, месо и други видови храна од Србија и Косово? Што покажуваат податоците - дали има пораст на канцерогените заболувања во Македонија? За жал, во Македонија со години не располагаме со веродостојни и навремени податоци за бројот на новозаболени и регистрирани случаи од одредени карциноми, вели Владимир Лазаревиќ, поранешен заменик-министер за здравство и основач на „Хелтгрупер“, меѓународен проект за размена на информации од здравството .

Symbolbild Brustkrebsvorsorge
Ракот на дојката во порастФотографија: picture alliance/dpa/lsw

„Податоците за стапката на смртност од малигни заболувања, или збирните податоци за нови случаи на карциноми, се застарени. Во базата на податоци на Светската здравствена организација, последните официјални податоци кои ги доставила Македонија, се однесуваат за 2007 година. Според нив, има 285 новооткриени случаи на карциноми на 100.000 жители. На истиот графикон, стапката на карциноми во земјите од ЕУ изнесува 506 новооткриени случаи на 100.000 жители, што е речиси двојно повеќе во однос на Македонија. Ако им поверувате на овие податоци, кои се официјални, треба да заклучите дека во Македонија е двојно помал бројот на пациенти кои заболуваат од карциноми во споредба со ЕУ, што се разбира дека не е точно. Оваа груба споредба треба да послужи само како пример дека во Македонија не постојат точни податоци за стапката на новооткриени случаи на болни од различни видови карциноми, како и за бројот на пациенти кои живеат со овие болести“, објаснува Лазаревиќ.

Според податоците од Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, секоја година во Македонија има околу 800 нови пациенти со рак на белите дробови, кој е најчеста малигна болест во светот. За мал процент се зголемува бројот на новозаболени пациентки со рак на дојка, чиј број годишно изнесува од 650 до 750, но загрижувачки е што се' повеќе се симнува и старосната граница за оваа болест, на што укажува фактот дека најмладата пациентка има 17 години. Но, податоците на кои укажува Здружението за борба против рак „Борка“, повикувајќи се на резултати објавени од Меѓународната агенција за истражување на ракот „Глобокан 2012“, велат дека ако претходните години рак на дојка годишно се дијагностицирал кај 650 до 750 жени, во 2012 година тој бил откриен кај дури 1.152 жени. На кои податоците може да им се верува - тешко е да се одговори.

И Косово без податоци

Валидни податоци за состојбата со канцерогените заболувања нема ни на Косово. Според Чикариќ, таму состојбата е непозната, бидејќи властите „не сакаат да брануваат“ и да се замерат со НАТО, а и не постои регистер за малигни заболувања, освен во српскиот дел на Митровица, каде хоспиталниот регистер за рак покажал висок пораст на малигни тумори. Според научниот советник од Институтот„ Винча“, Илија Плеќаш, состојбата на Косово е подраматична, бидејќи нема сознание дека таму е организирано отстранување на осиромашениот ураниум, каде според извештаи од ОН завршиле 10 тони радиоактивен материјал. Онкоепидемиологот Миодраг Ѓорѓевиќ потсетува дека на Косово најпрвин е забележан пораст на заболени од леукемија, како последица на изложеност на радиоактивно зрачење, а првите случаи се откриени кај италијанските војници. Македонските лекари со внимание ги следат предупредувањата од српските колеги, но се уврени дека состојбата не е драматична. Нема простор за паника, вели патологот д-р Љубе Ивковски.

Suchen nach Uranspuren in Kosovo
Во Косово веќе се правеа испитувања на радиоактивноста на почватаФотографија: Getty Images

„Бројот на карциноми во Македонија е со стандардни бројки од 600 до 800 годишно, со разлика плус-минус два проценти, но се движи во истите рамки. Нема индикации дека бројката расте. Точно е дека имаше тврдења дека италијански војници имале малигни заболувања на лимфните жлезди, но нема податоци колкав е тој број. Тоа е битно за да се знае дали е коинциденција, бидејќи тие можеле да заболат и ако не биле во војничките редови. Увозот на храна контаминирана со радиоактивни материјали секако дека може да има влијание, но Дирекцијата за радијациона сигурност и Агенцијата за храна во рамките на своите надлежности го утврдуваат и спречуваат евентуалниот влез на таква храна, па таквата опасност е исклучена“, смета Ивковски. Но, и во контекст на поврзаноста на осиромашениот ураниум во соседството со растот на малигни заболувања, според Лазаревиќ, експертите повторно се соочуваат со проблемот на податоци.

„Во 2003 година, лично работев на научно истражување за појавата на леукемиите кај возрасни луѓе, при што дојдовме до резултати дека постои континуиран тренд на пораст на леукемиите, но тоа не можеме директно да го поврземе со осиромашениот ураниум. Искра светлина во темните лавиринти на здравствената статистика сега дава проектот ’Мој термин’, кој од техничка гледна точка генерира огромна база на податоци, кои може да се искористат во изработка на толку потребните статистични анализи. Во рамките на овој проект е предвидено да се направат и регистри на малигните заболувања, кои ако правилно се постават, за прв пат ќе обезбедат точна и навремена статистика. Шансата ја имаме, но дали ќе ја искористиме допрва ќе се види“, укажува тој.

Контрола на радијацијата

Од институционален аспект Македонија ги поседува сите предуслови за откривање и рано предупредување од радијација и јонизирачко зрачење. Дирекцијата за радијациона сигурност редовно ги следи вредностите од мониторингот на надворешното гама зрачење во низа Европски земји преку EURDEP – Европската платформа за размена на податоците од радиолошки мониторинг. Ја следи и состојбата со надворешното гама зрачење на територијата на Македонија преку мониторинг станиците на Системот за рано предупредување, кој го води Институтот за јавно здравје. Оваа Дирекција заедно со Агенцијата за храна, Царинската Управа и МВР, меѓуресорски соработуваат за заштита на здравјето, односно за намалување на појавата на болести кои се пренесуваат преку храната или се предизвикани од извори на јонозирачко зрачење. Тоа го прават преку контрола на безбедноста и квалитетот на храната при увоз и извоз, при транзит и транспорт на радиоактивни извори и преку спречување на нелегална трговија со радиоактивни извори. Ако тој аспект е „покриен“ со сет мерки и активности, она што недостига во синџирот покрај отсуството на точни статистички податоци, е и недостигот на утврден буџет за научни истражувања во областа на здравството.

„Една работа е вие да имате податоци, а сосема друга е од тие податоци да произведете корисни и употребливи анализи. Тоа е како да влезете во голема библиотека, а да не знаете која книга сакате да ја прочитате. Неминовно ќе се загубите. Затоа инсистираме да се утврди годишен буџет кој ќе биде наменет за финансирање на вакви научни истражувања. Само на тој начин ќе можеме да очекуваме да добиеме веродостојни податоци и да креираме политики базирани на докази, а не на претпоставки. Лани во декември, на Самитот на 'Хелтгрупер’ во Скопје под налов ’Кога е фер да се каже не?', сите домашни чинители во здравствениот систем, вклучително и странските предавачи од Харвард, САД и од Израел, се согласија за неопходноста од подобрување на здравствената статистика, како и од потребата да се изготвуваат стручни, и научни анализи за причините за морбидитетот и морталитетот во Македонија. Се надеваме дека во наредните години ќе видиме видливи резултати во оваа насока”, потенцира Лазаревиќ.

Оваа дијагноза е утврдена - за да може една држава да го испланира развојот на здравствените политики, неопходно е да има достап до точни и навремени статистички податоци. И таа “болест“ сега треба да се лекува.