1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безбедност за воздушниот простор над Балтикот

Фолкер Витинг/З.Јордановски5 мај 2015

Воздушниот простор над балтичките држави, по кризата во Украина, го контролира НАТО. Русија постојано врши повреди на тој простор. Во Амари, во Естонија, британското воено воздухопловство сега ја презема контролата

https://p.dw.com/p/1FKA6
Фотографија: DW/V. Witting

„Зимата во Естонија за мене како Шпанец беше многу остра“, вели Алиас Ентриалго, офицер на шпанското воено воздухопловство. Во неговата татковина сега е сончево со температури од 25 степени. Кај естонската воздухопловна база Амари пупките на дрвјата уште се затворени, температурата е осум степени Целзиусови.

Во еден хангар естонски и шпански војници заеднички ги подготвуваат за транспорт последните пакети. „Мисијата е исполнета“, вели офицерот Ентриалго, надлежен за односи со јавност, задоволно смешкајќи се. Тој, неговите 120 војнички колеги и четирите авиони „јурофајтер“ сега им прават место на Британците, кои ја преземаат контролата над воздушниот простор во Балтикот. Претходница на британските војници го распакува својот материјал. Четири „јурофајтери“ ќе пристигнат неделава. Пред Шпанците, пак, германското Луфтвафе беше надлежно за таканаречениот „ер-полисинг“ во Балтикот.

Целни провокации

„Задачата овде ни е да ги набљудуваме руските авиони кои не се идентификуваат на коректен начин“, вели потполковникот Улар Ломус, Естонец, командант на воздухопловната база. „Честопати руските авиони едноставно не ги вклучуваат своите уреди за лоцирање или дури воопшто ни не се опремени со транспондери“. Тогаш авионите на НАТО им се доближуваат, ги фотографираат или ги потиснуваат кога го повредуваат естонскиот воздушен простор доаѓајќи од кај Финскиот залив.
Во последно време тоа не се случува толку чсто, колку на почетокот на мисијата пред една година. Засилената контрола очигледно има влијание. Но, сепак постојано има свесни провокации од руското воено воздухопловство, обидувајќи се да ја стави на проба борбената готовност на противвоздушната одбрана на НАТО.

Estland spanische Luftwaffe
Си заминуваат Шпанците...Фотографија: DW/V. Witting

„Нашите пилоти тогаш дури можат со мавтање и да ги поздрават руските“, вели Ентриалго. Тоа се случило десет пати во тек на четирите месеци во кои овде надлежна беше шпанската ескадрила. Тогаш авионите се меѓусебно оддалечени само неколку стотици метри - опасна ситуација, оти и руските и авионите на НАТО се вооружени.

Тави Роивас, младиот премиер на Естонија, за однесувањето на руските соседи од кризата во Украина наваму вели: „Тие се многу агресивни и непредвидливи“. Но, според него, НАТО, чиј член е и Естонија, дава сигурност и затоа заедничкиот ангажман на военото воздухопловство во неговата земја има посебно значење. Естонија не располага со воени авиони, туку само става на располагање воздухопловна база со најмодерна опрема и инфраструктура.

Безбедност во сојузот

„Ер-полисингот на НАТО во Естонија е силен сигнал дека Алијансата не го заборави ни крајниот исток од сојузничката територија. Добро е чувството дека во овие кризни времиња сме под безбедносниот чадор на НАТО“, вели премиерот Роивас.

Естонија токму започнува со развој на сопствено воено воздухопловство. За одбрана на земјата Естонија издвојува два процента од бруто домашниот продукт, со што одамна води меѓу балтичките држави, но тие средства не се доволни за борбени авиони и добро функционирачко воено воздухопловство. Во хангарите во Амари стојат неколку естонски млазни авиони за обука, хеликоптери, два авиона „Антонов“ и дури и еден прастар двокрилец. „Досега многу научивме од војниците на НАТО кои беа овде“, признава потполковникот Ломус. Пред шпанските и германските, овде прво беа дански војници.
Во контролната кула на базата тој ден е мирно. Естонски контролори опуштено ги набљудуваат случувањата на екраните и на пистата, има и кафе и слатки. Оваа недела, поради промената, други ескадрили на НАТО во постојана готовност ја преземаат контролата на воздушниот простор.

Estland Fliegerhorst Ämari
... доаѓаат БританцитеФотографија: DW/V. Witting

Уште од 2004. година небото над Балтикот се контролира и од Литванија. Токму слета еден од шпанските авиони.Ништо невообичаено, известуваат од кулата. Ова беше еден од последните ллетови за ескадрилата на поручникот Франциско Елиас Ентриалго во воената база Амари. Сега доаѓаат Британците, а од септември, според договорената ротација, пак се на ред Германците.
Ако остане на тоа, НАТО и на крајно источниот раб на сојузничката територија да демонстрира присуство, тогаш можеби Ентриалго и неговата летачка ескадрила повторно ќе дојдат во Амари. Тогаш можеби ќе се погоди во летните месеци.