1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Безбедноста останува „Ахилова пета„ на Косово

25 октомври 2005

И покрај „зеленото светло„ на Советот за безбедност за преговори, безбедносната ситуација на Косово е напната. Фадил Гаши го посети поделениот град Косовска Митровица и го испрати следното репортажно видување.

https://p.dw.com/p/AevL
Дете ѕирка низ отворот на металната врата на една куќа блиску до мостот во Косовоска Митровица
Дете ѕирка низ отворот на металната врата на една куќа блиску до мостот во Косовоска МитровицаФотографија: dpa - Fotoreport

Секој ден на јужната страна од мостот што ги поврзува двата дела на Косовска Митровица, стои автобус со полициска придружба. Со него секој ден кон северниот дел на градот, во кој живеат речиси само Срби, се возат Албанците од јужниот дел и обратно. Без специјалниот автобус и полициската придружба никој не се осмелува да го мине мостот, иако тој веќе подолго е официјално отворен за сообраќај. Бајрам Красниќи, познат адвокат од Приштина, исто така го користи автобусот за сите работи што мора да ги заврши во Судот, што се наоѓа во северниот дел. Тоа што не може слободно да се движи, за него е кршење на човековите права:

„Од една страна овде се кршат човековите права, а од друга граѓанските. Јас не можам да си ја вршам работата како адвокат. За да предадам обично писмо во Судот морам да изгубам речиси цел работен ден. Тоа нема никаква врска со демократија и слобода.„

Младата Арбноре Садику исто така има проблеми со слободата на движење. Таа до пред шест години живееше во северниот дел на Косовска Митровица, но сега има изнајмен стан во јужниот дел:

„Јас сум граѓанка на Митровица, но станав вечен бегалец во сопствениот град. Велат дека КФОР го тргнал бодликавиот тел, но погледнете сами уште колку многу е останато. Тоа се само празни зборови!„

И Србинот Бранислав Керстиќ гледа со песимизам на перспективите за попуштање на напнатоста меѓу етничките групи:

„Би сакал да кажам нешто добро, позитивно, ама не можам. Погледнете, медиумите известуваат за слобода на движење на граѓаните од северниот во јужниот дел на градот, но тоа не можам да го потврдам. За жал! Мостот е отворен за пешаци, но само по 40-тина души го минуваат дневно. И тоа се или вработени во УНМИК или се албански деца што одат на училиште во другиот дел... Многу сум скептичен, времето уште не е зрело. Сметам дека отворањето на мостот беше политички мотивирано решение за да се отвори патот за почеток на преговорите за статусот.„

Експертите за безбедност дури стравуваат оти спроти разговорите уште може да дојде до повторно избурнување на насилство, како што тоа се случи во март. За негово спречување во покраината моментално има 19.000 војници на КФОР и 6.000 полицијаци. Темата безбедност сепак останува „ахилова пета„ на Косово. Заканите со смрт припаѓаат на тамошното секојдневие. Имаше и повеќе политички мотивирани убиства, сторителите никогаш не беа уапсени. Разните политички групации користат приватни служби за безбедност за да вршат притисок врз политичките противници. А само во последните месеци се појавија четири т.н. „ослободителни армии„ – последната под име: „Армија за независност на Косово.„

На сите страни владее страв од нова екслација на насилство. КФОР и косовската полиција на многу места мораат да ги ескортираат Србите од една енклава во друга. А и спомнатиот автобус среде поделената Косовска Митровица уште долго ќе вози само со полициска придружба.