1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалци на Балканот: Огради, возови и цинична политика

Карла Енгелхард (ард) / Е.М. Фиданоска25 јули 2015

Пропуштање до соседната земја или забранет влез - тоа е начинот на кој владите на Балканот се обидуваат да се „ослободат“ од бегалците. Државите немаат инфраструктура, пари и волја за да бидат прва станица на згрижување.

https://p.dw.com/p/1G4ZJ
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Гевгелија, Македонија, на границата со Грција. Бегалците се секојдневна слика во овој мал град. Домашното население раскажува дека дневно доаѓаат меѓу 500 и 700 луѓе од Сирија, Египет и други земји. Магдалена Јакимовска од Црвениот крст на огромната горештина им дава на луѓето вода и им пружа прва помош: „Делиме лекови против треска или главоболка, ако е потребно превезуваме повредени во болница“, раскажува таа.

Млад исцрпен Сириец преку Турција и Грција стигнал во Гевгелија. Со часови чека на регистрација. „Многу е жешко. Сакаме да продолжиме натаму, низ Србија. Дел од нас сакаат да одат во Шведска, други во Германија“, вели момчето.

Српската инфраструктура комплетно преоптоварена

Новиот македонски закон за азил им дозволува на бегалците, доколку се регистрирани, да се движат слободно во Македонија 72 часа. Редовните возови и автобуси се бесплатни, со нив бегалците брзо се превезуваат до Србија. На југ, членката на ЕУ - Грција и Македонија ги оставаат луѓето едноставно да заминат натаму. На северозапад Унгарија ја затвора границата. Тоа за Србија, која сака да влезе во ЕУ, предизвикува проблеми и ја доведува во тешка ситуација. Од почетокот на годината во земјата се стигнати повеќе од 50.000 бегалци, а се очекуваат уште толку. Најчесто нема инфраструктура за првично згрижување на бегалците. Тие кампуваат во парковите или на автобуските станици, зашто сакаат да го продолжат патувањето.

Сириецот Абдула веќе стигнал до Белград. На пат е 78 дена, од Измир до Белград, преку Турција, Грција, Македонија, се‘ до Србија. Абдула сака да оди за Германија, пред себе има уште добри 1000 километри.

Bildergalerie Mazedonien Transitland für Flüchtlinge
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нечовечка постапка

Членката на ЕУ, Унгарија, кон Србија гради ограда висока 4 метри и долга 175 километри. Веќе сега голем дел од бегалците не можат да поминат или едноставно се оставани на цедило од страна на шверцерите. Оние кои успеваат, се обидуваат да се качат во преполните возови. Унгарската железница транспортира бегалци и во вагони кои се затворени однадвор. Тоа е со цел бегалците да стигнат безбедно во приемните кампови, гласи официјалното образложение. Голем дел од луѓето кои мора да патуваат со возовите често се толку преплашени, што кога вратите повторно ќе се отворат панично скокаат од вагоните и бегаат најбрзо што можат. Нечовечка постапка.

Унгарската влада има намера во иднина илегалното доселување да го третира како кривично дело. Освен тоа, таа сака да ги држи бегалците подалеку од населените градови. Тие веќе не треба да се сместуваат во населени места, туку во шаторски кампови на периферијата. Еден таков камп треба да биде подигнат директно на границата со Србија. Унгарија е транзитна земја за бегалците. Соседна Австрија, покрај Франција, Шведска и Германија, пак припаѓа кон земјите кои се цел на бегалците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема