Бегалците не минуваат низ Хрватска... засега!
25 август 2015„Не, жицата нема да не‘ запре да преминеме во Унгарија, која е наша цел“, велат бегалците од Сирија, Авганистан, Ирак, Либија, Еритреја, Сомалија, со кои разговаравме во парковите во близина на главната автобуска станица во Белград. Додаваат дека Хрватска не ги интересира, затоа што се‘ уште не е дел од Шенгенската зона, додека влезот во Унгарија практично им гарантира продолжување на патувањето без гранични премини се‘ до Австрија, Германија, Шведска и други развиени западни земји кои се нивни конечни дестинации.
„Самохрана мајка сум, останав без работа, но им донесов што можев, зашто ако им помогнам можеби некој ќе ми помогне и мене, така мислам“, вели една средовечна жена која на бегалците им донесла голема вреќичка полна со слатки. Таа е само една од белграѓаните кои искрено им помагаат на овие несреќници. Бегалците нерадо зборуваат за тоа, но велат дека имале и лоши искуства во Србија, како кога ги ограбиле или кога лажни полицајци ги рекетирале. Велат дека луѓето во Србија се подобро расположени кон бегалците од други земји, но тие својата перспектива ја гледаат во некоја до западноверопските држави. Не сакаат да се претстават затоа што се плашат од одмазда врз членовите на семејствата кои останале во нивните татковини. Одлучни се да си обезбедат подобар живот, каков што, како што тврдат, имале пред нивните држави да почнат крваво да се распаѓаат. „Не, Хрватска не не‘ интересира, затоа што и таму не‘ чекаат нови граници кон Европа“, повторуваат овие луѓе, на кои може да се види дека некогаш и‘ припаѓале главно на средната класа во нивните држави.
Во нужда - кон Хрватска
Од друга страна, директорот на белградскиот Центар за заштита и помош на барателите на азил Радош Ѓуровиќ за ДВ вели дека не треба да се исклучи можноста унгарската жичена ограда да ги натера бегалците подолго да се задржуваат во Србија, но и да ја променат својата траса во насока кон Хрватска. „Подигањето на унгарскиот ѕид ќе ги забави тие луѓе и ќе ги задржи подолго во Србија, но миграциите се незадржливи. Ќе с е обидуваат да го пробијат ѕидот, да прескокнат... Ќе се копаат канали под ѕидот, ќе порасне цената за криумчарење, тие проблеми дополнително ќе ескалираат. Но, ѕидот нема да ги запре, како што не ги запреа ни грчките ни бугарските ѕидови. А некои ќе се обидат да тргнат кон Хрватска и кон Романија“, оценува Ѓуровиќ.
Тој потсетува дека Србија и Хрватска, за жал, имаат искуства со бегалците од 1990-тите, па поради тоа можат да реагираат навреме во смисла на подготовка на итно сместување. „Ова е навистина друг вид бегалци, затоа што доаѓаат од поинакво културно и верско опкружување, но тие се пред се‘ луѓе кон кои треба да градиме емпатија и да им обезбедиме достоинствено сместување“, порачува Ѓуровиќ. Доколку пак сепак се свртат кон Хрватска, на бегалците ќе им биде многу потешко да „се пробијат“, со оглед на тоа што границата меѓу Србија и Хрватска, која е на подрачје на Војводина, е главно на реката Дунав, а голем број од „водните“ гранични премини се наоѓаат на дунавските мостови. Според проценките на стручњаците, најранлива е „зелената граница“ меѓу Србија и Хрватска, која е или низинска или благо ридеста, па движењето по такви терени не е тешко, а има и доволно шума за криење по потреба.
Свежи сеќавања
На границата има само неколку копнени премини, од кои ние ги обиколивме сите главни. На граничниот премин меѓу Бачка Паланка и Илок ја известуваме хрватската погранична полицајка со каква намера сме тргнале на пат. „Правиме репортажа за можностите бегалците да се свртат кон Хрватска“, и‘ велиме. Таа, како и поголемиот број хрватски и српски погранични полицајци и цариници, не‘ гледа љубопитно и прашува: „Мислите дека навистина ќе се свртат наваму, кон нас?“ Од Илок тргнуваме кон „копнените“ гранични премини: Товарник-Шид, Бајаково-Батровци, а потоа и кон Сот-Принциповац и Илок 2. „Па, зарем наваму ќе се свртат?“, повторно не‘ прашуваат пограничните службеници, уверени дека ние новинарите знаеме повеќе од „обичните луѓе“. А, „обичните луе“ и на хрватската и на српската страна на границата се расположени слично: зачудени се, збунети и донекаде - уплашени. „Слушам дека ќе дојдат околу 15 милиони луѓе“, вели еден постар господин во една локална гостилница во близина на Илок. Најмногу се загрижени поради тоа што е можно меѓу бегалците да има „терористи“ и „фанатици на Исламска држава“. Инаку, велат, го разбираат ужасот кој ги снашол, затоа што и нивните воени сеќавања на 90-тите години од минатиот век се и тоа како свежи.