Бархман: И покрај сите уважувања, Македонија не е пресудниот пион!
23 мај 2014ДВ: Господине Бархман, в недела се изборите за европските институции. Како ќе влијаат истите врз проширувањето на Унијата и европскиот пат на Македонија?
Бархман: Околу Македонија сите се некако на грчките позиции. Искрено кажано во моментов сум скептичен и тоа од едноставна причина што гледаме дека грчката Сириза најверојатно има голема предност, а на грчката почва таа не е безусловно голем пријател на Европската унија. Затоа и сум скептичен дека ќе има олеснети можности кои ќе го забрзаат приклучувањето на Македонија кон ЕУ. Од друга страна, пак, факт е дека и ние во Германија, а и во другите држави, говориме дека националните сили (партии н.з.), а не проевропските, се‘ повеќе ќе се засилат во Европскиот парламент. Имајќи го ова предвид, можам да си претставам дека тие нема да инсистираат на брзото проширување на ЕУ. Ова е голем проблем и верувам дека целиот процес ќе биде потежок по изборите. Жал ми е, но ова не се добри вести.
Ќе може ли да се очекуваат подобри времиња за Македонија со италијанското претседателство на ЕУ?
Бархман: Полесно за Македонија ќе биде само тогаш кога во Грција ќе се случат промени. Овие промени меѓутоа, за жал, не ги гледам во насока на Сириза. Затоа и кажав дека сум многу скептичен како ќе биде натаму!
Парламентарците од Бундестагот принципиелно секогаш биле и се за членството на Македонија во ЕУ. До кога сметате дека може да опстане една политика со која на Македонија и‘ се одлага почетокот на пристапните преговори со ЕУ?
Бархман: И јас сум за Македонија и тоа не е спорно! И вчера во Комисијата за Европската унија во Бундестагот разговаравме за политиката на европското соседство. Факт е, меѓутоа, дека во моментов сите се загрижени само околу источното соседство, како што се именува политиката на источното партнерство со земјите како Украина и околните. Македонија, во моментов, не игра никаква улога.
Генералниот секретар на НАТО Расмусен ја посети Македонија. Сметате ли дека во конкретната ситуација, шансите на Македонија да го добие полноправното членство во Алијансата се пореални?
Бархман: Не можам да кажам што во моментов е важно за НАТО стратегијата. Би можел само да шпекулирам. Но, и во НАТО, сметам дека има голема претпазливост како да се задржи Русија на преговарачката маса. Не гледам дека брзото членство на Македонија би донесло големи предности за Македонија и за НАТО. И покрај сите уважувања, како и во шахот - сметам Македонија не е пресудниот пион.