Барање за интерпелација
5 јуни 2007Прашањето за политичката одговорност е темпирано на само три дена пред посетата на премиерот Никола Груевски во Тирана и средбата со американскиот претседател, Џорџ Буш. Јани Макрадули, шеф на пратеничката група на СДСМ, зад кого стоеше партискиот врв и лидерот на партијата, Радмила Шеќеринска, вака образложи дел од критиките до владата:
“Да го поставиме посоодветно прашањето до премиерот – зошто тој дозволи пред посетата на Буш на регионот да има настани како што е Танушевци, да има климава коалиција, да има серија инциденти во кои што се нарушуваат безбедноста и стабилноста во Република Македонија, да не успее да менаџира или да се обиде да ја префрли одговорноста на етничките заедници за негласањето на членовите на државниот судски совет“.
Со СДСМ денеска ги немаше пратениците од ЛДП, која беше дел од изборната коалиција со социјалдемократите. По лидерската смена, новиот челник на ЛДП, Јово Манасиевски, најави дистанцирање од зависноста кон СДСМ. Дали опозиционите социјалдемократи веќе преговарале со некои од пратеничките групи при обидот да се урне владата на Груевски?
“Сите оние што се незадоволни од тоа како се одвиваат процесите во Република Македонија очекуваме да гласаат за недоверба на владата“, рече Макрадули. Тој одби да прецизира дали СДСМ се залага за предвремени парламентарни избори или ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство ако се изгласа недоверба на кабинетот на Груевски.
Исходот од гласањето за доверба на владата во четврток ќе покаже дали владата има стабилно парламентарно мнозинство, во тројната коалиција со НСДП и ДПА.