1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун бара формирање специјален суд за Косово

Александар Методијев/бета/миа12 август 2014

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун побарал од косовските власти, со поддршка од ЕУ, до почетокот на 2015 година да биде основан специјален суд во интерес на правдата и помирувањето на Косово.

https://p.dw.com/p/1Cstn
Фотографија: picture alliance / AA

Специјалниот суд би требал да се занимава со прашањата за воените злосорства на ОВК во Косово во 1999 година. Бан Ки Мун смета дека судот треба да се основа со цел борба против неказнивоста и обезбедување одговорност.

„Силно ги повикувам властите во Косово, како и структурите на ЕУ за поддршка, да осигураат основање на специјален суд до почетокот на 2015 година“, наведува Бан во најновиот извештај за ситуацијата на Косово, кој ќе биде претставен пред Советот за безбедност на ОН на 25 август.

Тој суд би требал да ги испита наодите на Специјалниот истражен тим од ЕУ, кој се однесува на воените злосторства на ОВК, иако тоа изрично не е наведено во документот од генералниот секретар на ОН.

Бан во него оценува дека извештајот на Клинт Вилијамсон, главен обвинител на Специјалниот истражен тим, од 29 јули е од „клучно значење, не само за почитување на основните принципи на меѓународната правда, туку и за борба против неказнивоста и за тоа сторителите да сносат одговорност за своите дела, што е потребно за јакнење на помирувањето меѓу заедниците на Косово“. Тој исто така и’ се заблагодарува на ЕУ за тоа што обезбедила политички и финансиски ресурси за завршување на овој процес.

Во редовниот тримесечен извештај Бан Ки Мун го поздравува формирањето на српската влада и одржувањето на парламентарните извори на Косово. Тој нотира дека двете страни – Србија и Косово, покажале „силна приврзаност“ кон европските интеграции, што е пресудно за почеток на процесот за нормализирање на односите.

Генералниот секретар на ОН ги критикува протестите во Косовска Митровица и порачува: „Од суштинско значење е да се избегнува повлекување на еднострани потези и употребување на запалива реторика, за да се обезбеди успешно продолжување на дијалогот“.