Бан алармира за ситуацијата во Сирија
12 јуни 2012Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун е „длабоко загрижен поради опасното зголемување на насилството во Сирија“ и за опасноста за цивилното население во завојуваните области. На двете страни се забележува промена на стратегијата. Засилените напасди врз седиштата на бунтовниците од страна на војската придонесоа за голем број жртви меѓу цивилното население како и повреда на човековите права. Истовремено опозицијата засилено изведува координирани напади врз владините трупи.
Училишта претворени во затвори
Крвопролевањето и борбите мора веднаш да сопрат, бара Бан, во соопштението објавено синоќа. Набљудувачите на ОН имено информираат дека во Сирија се зголемува насилството меѓу трупите на властодржецот Башар ал-Асад и опозиционите сили.
Сирискиот режим на Башар ал-Асад го зголемува насилството поради колебањето на меѓународната заедница, се наведува во декларацијата на опозицискиот Сирискиот национален совет. Советот наведува дека режимот користи авиони, тенкови и артилерија и испратил илјадници војници во опсада на централниот град Хомс, каде многу квартови се контролирани од бунтовниците. Власата го лишува населението од електрична енергија, лекови, медицинска помош и леб.
Сирискиот национален совет тврди дека режимот на ал-Асад ги претворил училиштата во затвори и воени бази и оти ги принудува луѓето да ги напуштат своите домови.
Во декларацијата на Советот се повикува Советот за безбедност на Обединетите нации, посебно Русија и Кина да преземат одговорност и да реагираат на злосторствата извршени врз цивилите во Сирија.