1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банкротираниот Оланд

Кристоф Хаселбах/превод: Б. Георгиевски7 ноември 2014

На половина од неговиот мандат, билансот на францускиот претседател Франсоа Оланд тешко дека можеше да биде полош. Тоа треба да ја загрижи цела Европа, смета Кристоф Хаселбах

https://p.dw.com/p/1DilE
Фотографија: ap

Франсоа Оланд сакаше да биде „нормален“ претседател. За разлика од неговиот конзервативен претходник, хиперактивниот, поларизирачкиот, и помалку вулгарниот Никола Саркози, кој заедно со гламурозната сопруга Карла Бруни честопати се однесуваше како лик од хумористична оперета, Оланд беше добредојдена промена. Денес, анкетите покажуваат дека севкупно четири (4) проценти од Французите сакаат Оланд да биде ре-избран за втор мандат во 2017 година. Тој стана најнепопуларниот шеф на државата во историјата на Петтата француска република.

Стрмоглав пад

„Нормален“ во случајот на Франсоа Оланд во прв ред означува пасивност и недостаток на лидерство. За жал, во нејзината актуелна состојба, тоа е нешто што најмалку и треба на Франција. Конкурентноста на оваа горда нација продолжува да паѓа, како и нејзиниот удел на глобалниот пазар. Невработеноста останува на високо ниво. Во прв ред младите луѓе чувствуваат дека немаат перспектива. Буџетскиот дефицит со години наназад го надминува лимитот поставен од ЕУ: притоа и продолжува да расте и според проценките на Европската комисија, до 2016 година ќе биде највисок во целата еврозона. Цела Европа со нетрпение очекува да види дали комесарот за економски прашања, францускиот политичар Пјер Московици ќе ја казни сопствената земја.

Дали е Германија виновна?

За Французите е понижувачки да го следат падот на нивната земја, особено во споредба со динамичниот сосед Германија. Тоа ја повредува нивната гордост. Секако дека Оланд не е единствениот виновник. Постојат многу длабоки причини за страдањето на Французите, меѓу нив и огромниот државен апарат, деиндустријализацијата, и големото чувство на стекнати права на Французите. Но, Саркози барем се обидуваше да промени некои од основните слабости на државата. Оланд, од друга страна, најпрво ги игнорираше проблемите, потоа ја обвинуваше Европа, и особено Германија и нејзината политика на штедење. Тој се однесуваше како да ќе биде доволно Германија и другите земји да стават доволно пари на располагање за економски стимулативни програми, без да се води сметка за нивото на долгот, и сѐ ќе биде в ред. Ова беше ефтин начин да се одвлече вниманието од сопствените неуспеси.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Профитерката Ле Пен

Настрана сите неуспеси, претседателот е соочен и со феноменот Ле Пен. И на ова место, забавата дефинитивно завршува. Марин Ле Пен, лидер на десничарскиот Национален Фронт, профитира не само од француските болести, туку и од неуспесите на Оланд. Со нејзините едноставни рецепти за францускиот суверенитет и за изолацијата од глобализацијата, таа им претставува голем проблем на париските елити. Во нивниот очај, Оланд и неговите луѓе сега се обидуваат да извршат притисок врз Германија предупредувајќи дека без државно субвенционирани програми за раст, ќе победи екстремизмот. Тоа е најголемото признание за неуспехот!

Партнерството пред сѐ

Уценувачките обиди можеби одат на нерви, но постојат добри причини да се биде загрижен за политичката состојба во Франција, и тоа не само на економско ниво. Анкетите покажуваат дека Ле Пен има добри шанси да влезе во вториот круг на следните претседателски избори во 2017 година. Некои дури и предвидуваат и освојување на Елисејската палата. Тоа ќе биде катастрофа и за Франција и за Европа. И затоа никој не треба да се радува на француската несреќа, или на очајните резултати на нејзиниот претседател. Би било мудро Германија да му понуди помош на својот најблизок партнер, да се најде заеднички јазик и да се изработи компромис, иако актуелните идеолошки разлики меѓу Париз и Берлин се значителни. Оланд можеби се покажа како неуспешен претседател, но германско-француското партнерство не треба да страда поради тоа.