1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банките како жртва на политичките игри во Бугарија

Александар Андреев/ Симе Недевски1 јули 2014

На 6. август треба да биде распуштен бугарскиот парламент, а предвремени избори се закажани за 5. октомври. Паралелно со политичката, во земјата се развива и банкарска криза. Експертите гледаат јасни врски меѓу нив.

https://p.dw.com/p/1CSpp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Малцинската влада на Пламен Орешарски тешко е разнишана по изминатите избори за Европскиот парламент. Владата која ја сочинуваат социјалисти БСП и партијата на турското малцинство ДПС наредниот месец ќе ја напушти функцијата, а нови избори се закажани за 5. октомври. Анкетите покажуваат дека уверлива победа на овие избори би требало да оствари ГЕРБ, партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Во таква ситуација, Бугарија дополнително ја потресуваат и проблемите кои го зафатија банкарскиот сектор. По запаѓањето во проблеми на средината на јуни на КТБ, четврта по големина бугарска банка, а потоа и е ставена под контрола на државата, сега се „ниша“ и третата банка по големина во оваа земја- ПИБ. Штедачите во паника ги подигаат своите влогови, а големите инвеститори и државни фирми истотака се обидуваат да ги извлечат своите пари на сигурно. Само во текот на 28. јуни, ПИБ исплати 400 милиони евра. Тоа, за бугарски состојби, е огромна сума на пари.

Bulgarien Sofia First Investment Bank
Фотографија: picture-alliance/AP

Спреги меѓу банките и политиката

Причините за таквиот развој на случувањата не треба да се бараат во лошото раководење со банките. Политичкиот аналитичар Канчо Стојчев вака ја објаснува ситуацијата: „Одлично докапитализираниот и стабилен банкарски систем во Бугарија стана жртва на мрачни политички игри кои се поврзани со економски интереси.“

Тој притоа мисли на улогата која во сето тоа ја има 33-годишниот политичар на ДПС Делијан Пеевски, кој неодамна е избран за пратеник во Европскиот парламент. Пеевски, кој со својата мајка Ирана Крастева долги години имаше големо влијание врз медиумите во Бугарија, пред една година беше номиниран за функцијата шеф на тајната служба. Поради своите нетранспарентни бизниси тој во земјата има имиџ на „тајкун“, а номинацијата за важната функција предизвика демонстрации. На крајот тој не ја доби оваа функција и неколку месеци подоцна влезе во конфликт со својот „идеен татко“, шефот на банката КТБ, Цветан Василев. На почетокот на јуни се обвинуваа меѓусебно за смртни закани. Скандалот ја дестабилизираше банката КТБ, а сега се заканува да го загрози целиот банкарски ситем.

Bulgarien Antiregierungsproteste in Sofia
Фотографија: BGNES

Стабилни финансии

Бугарија е членка на ЕУ, но не ѝ припаѓа на еврозоната. Со финансиската политика управува Монетарен комитет кој строго води сметка за државните трошоци и за стабилноста на валутата. Американскиот експерт за финансиски прашања Стив Ханке, кој го креираше Монетарниот комитет, неодамна изјави дека финансиската стабилност на Бугарија не е во опасност, и дека споменатиот комитет е гаранција за стабилност.

Ханке смета дека без Монетарниот комитет Бугарија многу брзо би се нашла во позиција на Грција. Експертите за финансии тврдат дека Комитетот располага со резерви од 14 милијарди евра и оти може да ја совлада паниката на пазарите. Освен тоа и ЕУ планира со вонреден кредит да му помогне на банкарскиот систем на Бугарија. Европската комисија вчера (30.6.) соопшти дека ќе му излезе во пресрет на барањето на Бугарија и на располагање стави сретства од 1,7 милијарди евра.

Олигарските ги влечат конците

Во Бугарија во моментов се води жестока дискусија за меѓусебното влијание на политичката и банкарската криза. Канчо Стојчев смета дека свесно се предизвикува хронична нестабилност на општеството за да се одржи системот на „матни бизниси“. И Стив Ханке верува дека корупцијата во Бугарија е „Ахилова пета“ на државата: „Во Бугарија постојат многу корумпирани луѓе кои не можат да се држат понастрана од банкарскиот систем.“ Станува збор пред се’ за „лоши кредити“ за кои нивните должници веќе не можат да ги плаќаат ратите, сметаат овие експерти.

Професорите Нансен Бехар и Красен Станчев се сомневаат дека зад целата криза стојат оние кои подигнале големи кредити и сега шпекулираат дека со пропаѓањето на банкарскиот систем ќе бидат избришани и нивните долгови.

Schlange vor Filiale der First Investment Bank in Sofia, Bulgarien
Фотографија: Reuters

Поради тоа мнозинството бугарски политичари и експерти апелираат до граѓаните да го сочуваат мирот и да не ги подигаат парите од банките. На кризниот состанок кај претседателот на државата Росен Плевнелиев во неделата (29.6.) сите политичари потврдија дека банкарскиот и монетарниот систем се стабилни.

Според поранешниот германски дипломат и познавач на состојбите во Бугарија, Клаус Шрамаер, сепак во овој момент мал е бројот на оние кои се заинтресирани за стабилност. „Сите го сакаат својот дел од колачот во власта. Проблемите нема да бидат решени ниту со предвремените избори, бидејќи на власт повторно ќе дојдат олигарси- истите или некои други.“

Владата на премиерот Орешарски останува на функцијата сѐ до распуштањето на парламентот на 6. август. Потоа претседателот Плевнелиев ќе именува преодна влада.