1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банките во Грција „подотворија“

Јанис Пападимитриу/БГ21 јули 2015

По тронеделна принудна пауза грчките банки повторно ги отворија вратите за клиентите. Но бројни банкарски услуги и натаму се забранети, а довербата на граѓаните во банките не е на завидно ниво.

https://p.dw.com/p/1G28x
Фотографија: Reuters/Y. Kourtoglou

Факт е дека исчезнаа редовите пред банкоматите, но луѓето сега седат во климатизирани чекални во самата банка додека живата во термометрите достигнува 38 степени. Но, суштински не се промени многу. Контролата на капиталот особено кога се работи за тоа колку е дозволено дневно да се подигнат готови пари останува во сила. Тоа и натаму се само 60 евра дневно по лице. Односно, секој клиент неделно може да подигне максимум 420 евра- како на банкомати, така и во самите банки. Исто така, отсега е повторно можно во банките да се вршат даночни трансакции и да се плаќаат сметки.

Кога ќе влезете во некоја банка се чувствува тензија. Само еден службеник опслужува голем број луѓе кои нетрпеливо чекаат во ред. Нема бројчиња за повикување на граѓаните. Некогаш беше поинаку.
„Со часови чекам да платам сметка за здравствено осигурување и се уште не сум завршила“, се жали Марија. Кога конечно дојде на ред, банкарскиот службеник и побара копија од даночната потврда, но не сакал самиот да ја копира. Морала брзо да претрча до блиската копирница на аголот, но кога се вратила и било речено одново да го чека редот. Марија е музичарка и мал претприемач и времето за неа е пари. „Јас во моето пензиско осигирување предадов барање за намалување на даночната стапка, а тоа истекува овој понеделник. Доколку не го решам тоа денеска, сѐ ми пропаѓа“, вели младата девојка.

Griechenland Athen Bargeld Banken Geldautomat Schlange Eurokrise Grexit
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Нејаснотии со банкарските трансакции

Што се однесува до меѓународните трансакции, тие и натаму остануваат табу. Но, сепак во сила стапуваат правила за исклучителни ситуации како на пример: доколку детето студира во странство, на родителите им е дозволено за три месеци да уплатат до 5 илјади евра, за лекување во странство можат да се уплатат две илјади евра. Во други случаи, секој поединечен случај мора да се разгледа и евентуално да биде одобрен од специјална комисија на Министерството за финансии на Грција. Но, тоа не и помага на 43-годишната Анастасија која работи за една консултантска фирма и која итно мора да организира проекти во странство. „Ние организираме состаноци и конгреси, но во овој момент нема да можеме. Едноставно не сме во ситуација да ги извршиме неопходните уплати“, се жали таа.
Претседателката на Здружението на грчките банки, Лука Кацели апелира до граѓаните да ги вратат своите штедни влогови на сметките во банка. „Стравот и паниката се најголемите непријатели на стопанството. Јас апелира до луѓето, парите кои сега ги чуваат дома, да ги вратат во банките бидејќи на тој начин ќе ја зајакнат ликвидноста на стопанството. Но, дали тоа ќе се случи зависи од сите нас“, изјави Кацели во едно ТВ интервју.
Она што не го кажа е дека веќе в среда грчкиот парламент треба да усвои нов пакет мерки, вклучително и најновите насоки на ЕУ за санација на банките. Со нив за првпат се предвидуваат инструменти за постапка на санација на банки, со цел- при пропаст на лошите банки за тоа да не мораат да плаќаат клиентите. Прашање е дали овој закон ќе ги убеди луѓето своите пари повторно да им ги доверат на банките?