1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан - пресметки на криминалците

19 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AdKl
Западот одамна укажува на организираниот криминал како една од најголемите опасности за развој на земјите од Балканот, бара од нив енергична борба против тоа зло и со сузбивањето на злото го поврзува или условува процесот на приближување на тие земји кон евроатлантските структури. Организираните банди сурово се пресметуваат со оние што ќе ги земат на удар, а во последно време и меѓу себе.

Во зграда во центарот на Софија денеска експлодира бомба, при што загинаа 4 лица. Според соопштението на полицијата, станува збор за Стиол Славов, сопственик на компанијата "Интерпетролеум енд партнерс", неговата сопруга и двајца телохранители. Седум други лица се повредени. Бомбата, според првичните информации на полицијата, била поставена во лифтот на зградата во која се наоѓа и канцеларијата на една осигурителна компанија. По експлозијата од објектот биле евакуирани околу 50 лица. "Ова е типично мафијашко убиство", ја пренесуваат медиумите оценката на полицијата. Убиениот Стиолов го поврзуваат со банда уценувачи.

Со неговото убиство продолжи серијата злосторства со мафијашка заднина. Во март минатата година беше убиен милијардерот Илија Павлов пред централата на неговото претпријатие во Софија, во ноември беше убиен еден нарко-шеф. Во декември во центарот на Амстердам беше убиен еден од најголемите шефови на бугарската мафија.

Синоќа во Сараево беше убиен Таиб Торлаковиќ со бомба подметната во неговиот автомобил. Торлаковиќ е еден од 14-темина во Босна и Херцеговина за кои ОН уште пред 4 години посочија дека ги сметаат за водачи на организирани криминални групи. Убиството на Торлаковиќ е потврда за војна во подземјето, за која пред неколку дена пишуваа два сараевски весника, кои притоа наведуваат десетина експлозии на бомби во Сараево и во други градови што се случија по 8-ми декември минатата година. Во моментов главните судири се помеѓу кланот на семејството Гаши, доселено од Косово, и криминалците - староседелци од Босна.

Обединетите нации своевремено побараа од локалните власти во Босна апсење на посочените криминалци и сузбивање на нивните дејности, но до денес само четири лица од тој список беа уапсени - другите продолжија со непречено дејствување.