1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан експрес на виенските пазари

12 јануари 2010

Најпознатиот пазар за се‘ и сешто во Виена веќе го доби и името Нашмаркт, и веројатно не е тешко да се погоди дека главни ликови во него се дојденци од поранешна Југославија.

https://p.dw.com/p/LQxs
Луѓето од екс-Југославија се „главни“ на пазарот во ВиенаФотографија: Emir Numanovic

Намуртено и студено претпладне. Од покривите на куќите висат јануарските мразулци, а под чевлите чкрипи снегот. На виенскиот Нашмаркт, популарното саботно пазарче, за снегот се погрижи локалната зимска служба, па асфалтот на кој Перица Јовиќ ја изложува својата стока е само влажен.

„Ги имаме сите можни стари работи. Ги имаме овие машини за кафе, радиоапарати, слики... се’ половни работи“, вели Перица.

Уште од рано утро Перица цупка на ветриштата на виенскиот пазар и досега продал само еден часовник. Но, сепак, насмевката не му се симнува од лицето.

„Па слабо оди, луѓето немаат пари, кризата е голема, се нема, тоа е што е, што да се прави“.

Соседот на Перица од следната тезга, Зоран Јовановиќ исто така, вели, се занимава со техника. Само што неговите телевизори, антени и радија, изгледаат малку понови.

„Имам се‘ и сешто, но ништо не се продава, немаат луѓето пари! Гледаш дека се смрзнуваме овде на ова време. Ние се смрзнуваме, а никој ништо не купува“, се жали Зоран.

Ценкање, и тоа како!

Директно спроти неговата тезга, Мара Вујиќ продава половна облека и чевли. Тука сме сведоци на едно класично, но за виенски услови, необично ценкање. За кафеави зимски чевли Мара бара пет евра, а муштеријата и‘ нуди само три.

„Немој те молам, јас сум сиромашна и ранам пет деца. И јас плаќам за робата, плаќам даноци, плаќам билет, и мене ме чини сево ова“, се жали Мара.

Виенскиот Нашмаркт е еден од попознатите градски пазари. На едниот крај се продаваат овошје и зеленчук, а другиот дел во саботите е резервиран за се‘ и сешто. И додека виенските уметници, дизајнери и фотографи, опкружени со егзотичните продавачи на пиперки, риби и зеленчуци ги пијат своите популарни „меланжи“, на другиот крај е во тек ценкање околу половен порцелан, стари ормари и маси, истрошена техника и, неретко, полураспадната облека и чевли.

Секој втор трговец овде е, како што се вели, од „нашите краишта“, а кога неодамна започна економската криза, сите се понадеваа дека за нивната половна стока ќе се зголеми интересот. Но, тоа беше погрешна проценка, вели Иван Малчиќ кој на другиот крај на градот има продавница за половна стока.

Wien Flohmarkt Jugoslawien Mara Vujic
„Штандот“ на Мара ВујиќФотографија: Emir Numanovic

„Немаат луѓето пари ниту за оваа половна стока, попусто е кога немаат пари. Тие попрво ќе се задолжат, ќе земат кредит, ќе плаќаат по 40-50 евра месечно за нови работи, отколку да ги плати овие одеднаш. Кога се нема пари, тогаш се нема пари“.

Иван до стоката доаѓа така што купува работи од луѓе кои ги напуштаат становите, а неретко ги добива и бесплатно, бидејќи сопственикот не знае каде да ги носи. Но, откако почна кризата, сопствениците и за старите работи се обидуваат да извлечат некоја пара.

„Како јас да го платам тоа што ќе го купам од него? Ако ги платам луѓето кои тој стар мебел ќе го расклопат, ќе го симнат од трети или четврти кат и потоа повторно ќе го состават, тој кај мене во продажба ќе биде поскап, отколку новото во продавница. Иако таму стоката е со послаб квалитет, но што вреди, кога луѓето немаат пари“, вели Иван.

Доколку потрае кризата Иван се плаши дека ќе биде принуден да ја затвори продавницата. Освен во неа, тој ја продава стоката и на пазар, но и таму муштериите не се како порано.

„Има луѓе кои само шетаат и споредуваат. Некои доаѓаат и по три викенди едноподруго и споредуваат цени и додека некој таков купи нешто, тебе ти поминал цел месец. А треба да се платат трошоци за изнајмување на штандот или кирија за продавницата“, вели Иван.

„Дај некоја пара ако ме снимаш!?“

Во меѓувреме на Нашмаркт веќе е рано попладне, продавачите веќе се измрзнати, па полека растат и тензиите и нервозата. Сите се жалат на прометот.

Wien Flohmarkt Jugoslawien Flash-Galerie Perica Jovic
Перица Јовиќ не се предава и покрај големиот студФотографија: Emir Numanovic

„Слабо, многу слабо, одиме да тргуваме во Србија, во Македонија, во Бугарија“, вели Ѓуро од Лесковац. Една постара жена ги собира шамиите и теписите и се подготвува да си замине.

„Па ти мене ме снимаш! Е ајде тогаш плати некоја пара ако ме снимаш“, се обидува таа да ја искористи можноста.

И додека на сите страни продолжуваат поплаките, само Перица од почетокот на приказната мирно седи покрај своите часовници и радио-приемници. Фасциниран од неговиот стоички пристап кон студот и неуспешниот пазарен ден, купувам една минијатурна рамка за слика, а тој заблагодарувајќи, безмалку се поклонува.

„Ви благодарам. Да сте живи и здрави!“

Автор: Емин Нумановиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска