1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкански научни хоризонти

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски .2 јули 2014

Со потпишувањето на договорот со ЕУ, земјите од Западен Балкан станаа дел од најголемата светска програма за финансирање на научни и истражувачки проекти „Хоризонт 2020“ која има буџет од 80 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/1CUKW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога ЕУ, во време на економска криза, го формираше буџетот за наредниот седмогодишен период (2014-2020), една од ретките области во која не се применети мерки на штедење беше научно-истражувачката работа. Во Брисел велат дека се свесни оти токму областа на истражување и иновација ќе биде неопходна за адекватно да се одговори на предизвиците кои во годините пред нас ги очекуваат Европа и светот- почнувајќи од индустријата, земјоделството и транспортот, па сѐ до урбанизам и енергетика. За европските приоритети во наредниот период многу зборува токму фактот дека фондот за научно-истражувачка дејност порасна од 50 на речиси 80 милијарди евра. Покрај финансирањето на оваа област, Брисел инсистира и на што поголема соработка на научниците ширум светот, а сето тоа поради ширењето на границите на знаењето и конкретната полза од иновациите.

„Ова е голем ден за европската наука“, изјави генералниот директор на Дирекцијата за истражување и иновации во Европската комисија Роберт Јан Смитс ( насловна фотографија) кој во име на ЕУ го потпиша договорот за приклучување на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Молдавија и Србија во програмата Хоризонт 2020: „Ова партнерство е исклучително важно за нашата иднина. Предизвиците со кои се соочуваме ни се заеднички и единствено заедно можеме да ги решиме. Нашите научници и истражувачи мораат да ги здружат силите и низ заеднички проекти да најдат решение од полза за сите граѓани“, додаде Смитс. Во Брисел нагласуваат и дека овој вид соработка на ЕУ со земјите од Западен Балкан е уште еден чекор за зајакнување на евроинтеграцискиот процес, но и соработката во регионот.

Unterzeichnungszeremonie Horizon 2020
Министерот за образование и наука Србија , Срѓан Вербиќ со Роберт Јан СмитсФотографија: picture-alliance/dpa

На Балкан малку пари за наука

Програмата Хоризонти 2020, започната во март годинава, е продолжение на поранешните програмски рамки кои беа наменети за поддршка на научно-иновативниот сектор во Европа. Министерот за образование и наука Срѓан Вербиќ, кој во име на Србија го потпиша договорот, вели дека Србија, како придружен член во предходните европски програми, веќе успешно реализираше повеќе од 300 проекти од оваа област со вкупен буџет од 50 милиони евра.

„Србија сега ќе може, не само да учествува во проекти, туку и да одлучува за приоритетите и дневниот ред во рамките на програмата. Се надевам дека сега ќе можеме да оствариме поголемо учество и успешност со нашите проекти кои и досега беа на многу задоволително ниво, во рејтингот на новите земји-членки, со над 15 проценти одобрени и финансирани проекти. Очекувам дека во наредниот период ќе можеме уште повеќе да ја вклучиме индустријата, малите и средни претспријатија во проектите за истражувачкиот развој и така ќе оствариме поголема финансиска поддршка за наука, истражување и технолошки развој“, изјави Вербиќ во Брисел.

Финансиската поддршка во областа на научно-истражувачката работа е она што на земјите од Балкан хронично им недостига во државните буџети, смета амбасадорот на Мисијата БиХ при ЕУ, Игор Давидовиќ: „Станува збор за договор со кој, рамноправно со земјите-членки на ЕУ, пристапивме до доменот на научно-истражувачката работа. Колку ќе искористиме од тие пари, зависи од нас самите, од проектите кои ќе ги правиме и кои ќе бидат прифатени за финансирање од страна на Европската комисија.“

Unterzeichnungszeremonie Horizon 2020
Амбасадорот на Мисијата БиХ при ЕУ, Игор Давидовиќ со Роберт Јан СмитсФотографија: picture-alliance/dpa

Европска покана до сите научници и истражувачи ширум светот

Од Министерството за образование и наука на Србија велат дека земјата во областа на истражување и иновации досега најдобри резултати покажала во областите на информатичките технологии, производството на храна и земјоделство, енергетика, транспорт и нано-технологија и оти врз тие основи ќе го продолжи зајакнувањето и ширењето на истражувачката заедница во соработка со индустријата и економијата. Претставниците на Албанија го нагласија во Брисел значењето на соработката во научно-истражувачката работа со цел на побрзо закрепнување и раст на економијата во регионот.

Во Босна и Херцеговина овој вид соработка го гледаат како доказ дека, и покрај политичката блокада во земјата, на БиХ се гледа како на добар партнер, со кој може да се направи позитивен пристап и тоа во областа која е „посебно запоставена, која најмногу ни е потребна и каде е лоцирана онаа елита која со своето знење може да ја поведе државата напред“: „Имаме потенцијал, имаме луѓе, имаме млади кадри и искусни истражувачи, на кои им недостига поддршка и пари да го направат она кое ни е на сите потребно“, изјави амбасадорот на Мисијата БиХ на ЕУ, Игор Давидовиќ.

Во Европската комисија ги канат најдобрите научници, не само од земјите-членки на ЕУ и на оние кои се наоѓаа на пат кон членство, туку и од „остатокот од светот“ да ја искористат програмата Хоризонти 2020, да ги здружат своите сили и да придонесат за подобар живот на сите граѓани во светот.