Балкански „мини-Шенген“: Нема љубов, само интереси
10 октомври 2019Три балкански држави Србија, Албанија и Северна Македонија сакаат до 2021 година меѓусебните граници да се поминуваат само со лична карта. Претседателот Александар Вучиќ и премиерите Еди Рама и Зоран Заев сакаат поблиска поврзаност на нивните земји која ќе се базира врз четири принципи- слобода на движење на стоки, капитал, услуги и луѓе. Ова е договорено во заедничката декларација постигната денеска на трилатералниот состанок во Нови Сад. Тројцата државници објаснуваат дека нивната иницијатива, која е наречена „мини Шенген“ не значи откажување од членството во ЕУ, напротив, сметаат дека тоа ќе го забрза патот натаму.
„Ние овде не зборуваме за љубов, туку за конкретните интереси на нашите земји. Сметаме дека со оваа иницијатива за една година за 20 отсто ќе ја зголемиме атрактивноста за зголемување на инвестициите“, изјави Вучиќ.
Во иницијативата се поканети и преостанатите три западнобалкански држави, а според Вучиќ, разликите околу независноста на Косово не се пречка за неговата земја.
„Ова е од суштинско значење затоа што ако луѓето ги остават емоциите на страна, ќе имаме одлични резултати за нашите граѓани. Ќе има повеќе инвестиции и драматичен потенцијален раст. Ќе постои работна сила на пазар од 12 милиони луѓе кој има потенцијал да порасне на 20 милиони“, вели Вучиќ.
Тројцата лидери се согласни дека балканските народи мора да ја земат судбината во свои раце и, како што вели Вучиќ, се надеваат дека тоа никому во Европа нема да му пречи.
Македонскиот премиер Заев вели дека е крајно време земјите од регионот да направат нешто за сопствен интерес.
„ЕУ е добредојдена, но оваа иницијатива е насочена кон интересите на земјите од регионот“, вели Заев.
Според Рама, со иницијативата се става до знаење дека „нема да стоиме во место и да не правиме ништо“.
„Целта ни е да бидеме дел од поголемото европско семејство, но се додека тие имаат проблеми ние не можеме да бидеме заложници на минатото или на некои несогласувања. Ова е поврзување во функција на европската иднина“, рече Рама.