1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Балканските парадокси на ЕУ“

13 јули 2009

Ветувањето за иден пристап кон ЕУ требаше да придонесе за смирување на конфликтите на Балканот. Но, сега токму членови на ЕУ од регионот работат против тој пат на стабилизација, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/Imp8
Фотографија: DW

„На почетокот уште се сметаше дека станува збор за мали погонски пречки во големиот механизам на европската и трансатлантската интеграција, кои лесно ќе бидат отстранети. Но, сега владее беспомошност: на југот на Балканскиот полуостров Грција, поради спорот околу името, со години му става крст на секој обид за отворање на НАТО за Македонија, а на северот Словенија со месеци го блокира продолжувањето на пристапните преговори на ЕУ со Хрватска. Што да се прави, кога трајната стабилизација на западниот Балкан може да доживее неуспех токму поради држави-членки на НАТО и ЕУ, кои од национален егоизам ги злоупотребуваат предностите од своето членство, за да ги уценат соседите?“ - се прашува во текстот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ осврнувајќи се на неодамнешната конференција на премиери и министри за надворешни работи од земји на Југоисточна Европа во Дубровник.

„Марио Зубовиќ, претседател на Комитетот за надворешна политика на хрватскиот парламент, рече дека патот на Хрватска во ЕУ не го блокира граничниот спор - тој постоеше и кога Словенија пристапи кон ЕУ и никој немаше никакви приговори. Проблем е исклучиво словенечкото вето. Наместо ЕУ да ја третира Хрватска како порано Словенија, таа сега поставува различни мерила. Европарламентарката Дорис Пак го истакна парадоксот во однесувањето на Унијата: кога граничниот спор уште се однесуваше на надворешна граница на ЕУ, беше игнориран; сега, кога е во прашање идна внатрешна граница во Унијата, спорот го спречува пристапот на една земја, која е од најголемо значење за стабилизацијата на целиот регион.

Logo der FAZ

ЕУ станува неверодостојна

Мирослав Лајчак, сегашен министер за надворешни работи на Словачка и поранешен специјален пратеник на ЕУ за Босна и Херцеговина, рече во Дубровник дека некои земји на Балканот денес се подалеку од пристап кон ЕУ, отколку пред една година. ЕУ предолго се занимаваше самата со себе, исчезнува согласноста за прием на нови членови, а со неа и веродостојноста на ветувањето за проширување. Централноевропските земји, кои пристапија кон ЕУ во 2004, во секој момент точно знаеја колку се напреднати со подготовките, и тоа енормно ги мотивираше. Таа транспарентност се загуби, пред кандидатите за пристап денес стојат пречки на патот, кои немаат никаква врска со самиот процес на интеграција. Земјите од регионот станаа заложници на нивните меѓународни и билатерални проблеми, мотивацијата со сопствени сили да им се пријде на реформите значително попушти“, ги цитира „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ оценките на Лајчак во написот за „Балканските парадокси на ЕУ“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска