1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот се гуши во хомофобија

11 октомври 2011

Земјите од Западниот Балкан сакаат во ЕУ. Дел од нив, на патот кон ЕУ, а со самото тие и во заштитата на човековите права, отидоа доста напред. Но, сексуалните малцинства и натаму се соочуваат со изразена хомофобија.

https://p.dw.com/p/12q3x
Фотографија: Fotolia/carma49

Хрватска е веќе пред вратите на Унијата и може да се каже дека е отидена најдалеку во почитувањето на правата на сексуалните малцинства. Во Загреб, во 2002. беше одржана првата Парада на гордоста на Балканот, иако во бројните инциденти беа повредени повеќе од 30 луѓе.

Десет години потоа, хомофобијата и во Хрватска и во соседна Србија, каде првиот неуспешен обид за организирање геј-парада се случи во 2001-ва, е на високо ниво. Сепак, процесот на приближување кон ЕУ овозможи во фокусот да се најдат човековите права, а со тоа и правата на сексуалните малцинства.

„Хрватската влада, која е на власт веќе 8 години, со приближувањето кон ЕУ почна да сфаќа дека без почитување на човековите права нема да успее да затвори едно многу важно поглавје во преговорите. Поради тоа, владата донесе низа прогресивни закони: Закон за сузбивање на дискриминацијата, но и измени во кривичниот закон“, вели Марко Јурчиќ, еден од организаторите на парадата во Загреб.

Во Хрватска и денес, речиси половината од сите лица кои се со поинаков родов идентитет или сексуална ориентација, доживуваат некаков вид насилство. Две третини од тие случаи се однесуваат на економско или психолошко вознемирување и дискриминација, а има и доста случаи на физичко насилство.

Парадите на гордоста немаат за цел да сензибилизираат јавноста или да ги едуцираат оние кои се нетолерантни кон сексуалните малцинства, велат соговорниците. Тоа е чин на отпор и пркос кон системот во кој лицата, кои не му припаѓаат на мнозинството не се чувствуваат рамноправни.

Парадата во Србија- невозможна мисија

Split Kroatien Gay Pride 2011
Анти-геј плакат на годинешната геј-парада во СплитФотографија: DW

И покрај тоа, бројот на оние за кои хомосексуалноста е неприродна појава, не е намален, а околу 60 отсто од граѓаните се противат на собири на сексуалните малцинства. Особено е загрижувачко тоа што истражувањата во Србија и Хрватска покажуваат дека хомофобичните ставови се најприсутни кај младите на возраст од 15 до 18 години. Голем дел од нив, дури и извршиле некаков вид насилство поради нечија сексуална ориентација.

Одржувањето на геј-парадата во Србија и натаму е невозможна мисија. Во 2010 година таа беше одржана под силно полициско обезбедување, но дојде до големо насилство, во кое беа повредени повеќе од 20 цивили и 140 полицајци. Годинава изостана и политичката поддршка за одржувањето на парадата, па таа беше забранета. Горан Милетиќ од организациониот одбор на парадата во Србија, вели дека во иднина нејзиното одржување ќе биде уште потешко:

„Имајќи предвид што направи државата годинава, во иднина тој процес ќе биде уште потежок. Државата годинава ги забрани сите собири. Со тоа, претставниците на собирот се најдоа во ист кош со екстремистите. Тоа им дава зелено светло на сите насилници и на сите оние кои не се добронамерни, во следниот период да ги напаѓаат припадниците на сексуалните малцинства“, вели Милетиќ.

Во Македонија не се ни осмелуваат да организираат парада

Слична судбина делат и хомосексуалците во останатите држави од Западниот Балкан. Во Македонија, владејачката коалиција дури најавуваше и уставни промени со кои хомосексуалните бракови би биле забранети, што во најголема мерка го заговара тамошната црква. Оттука, припадниците на сексуалните малцинства во Македонија, со причина не се осмелуваат да организираат геј-парада. Организациите кои се залагаат за правата на хомосексуалците во земјата, многу често, по повеќегодишните залудни обиди нешто да сменат, престануваат да постојат.

Polizisten schützen Zagrebs erste schwul-lesbische Parade vor Gegendemonstranten
Полицијата има полни раце работа на балканските геј-парадиФотографија: AP

Во БиХ има многу малку податоци за тоа како излегуваат на крај со дискриминацијата припадниците на сексуалните малцинства. Официјалните претставници главно молчат, а активистите за човекови права неволно говорат за хомофобијата во БиХ. Обидот во 2008. да се одржи парада на хомосексуалци во Сараево заврши неуспешно. Во насилството кое го предизвикаа група исламски фундманталисти беа повредени осум лица.

Слична е состојбата и во Црна Гора. Таму за годинава најпрво беше најавена, па откажана, парада на хомосексуалците. Ниту нападите врз нив не се реткост, а последен таков случај беше на еден концерт во Подгорица.

Севкупно, борбата за основни човекови права на просторите на поранешна Југославија продолжува. И покрај фактот што на овие простори мнозинството во хомосексуалноста гледа болест, активистите во Србија и Хрватска порачуваат дека на патот кон ЕУ ќе тематизираат и други проблеми на геј популацијата, вклучувајќи го и истополното партнерство. Нацрт законите кои тоа би го овозможиле, наводно веќе се подготвени.


Автор: Јаков Леон/БГ

Редактор: Е. М. Фиданоска