1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: Со Фејт и Трајковски потпишавме анекс по Рамковниот

13 август 2021

Демократијата нема крај и барањата за унапредување на правата на сите заедници се бесконечни, вели Ахмети во интервју за Дојче Веле. Военото палто му го подарил на Питер Фејт, вели тој на 20-годишнина од Рамковниот.

https://p.dw.com/p/3ywFn
Nordmazedonien Ali Ahmeti, Vorsitzender der DUI-Partei
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Охридскиот договор со кој запре седуммесечниот конфликт во 2001 година, надживеа тројца од неговите домашни потписници – претседателот Борис Трајковски, лидерите на ДПА и ПДП, Арбен Џафери и Имер Имери, а во јуни почина и еден од меѓународните посредници на патот до Договорот, американскиот дипломат Џејмс Пердју. Покрај нивните и потписите на Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски и на европскиот посредник Франсоа Леотар, во напорите за окончување на конфликтот на сцената или зад неа учествуваа и други личности. За она што се случуваше во 2001 година и 20 години по крајот на конфликтот обезбеден преку Охридскиот Договор, разговаравме со Али Ахмети некогашен водач на ОНА, денес лидер на ДУИ.  

ДВ: Без кого и без чии напори овој Договор не ќе беше можен во конфликтната 2001 година?

-Жал ми е што не се меѓу нас дел од луѓето кои го потпишаа Охридскиот договор, но без разлика на потписниците тој останува обврска што треба да се почитува, бидејќи е гарантиран од земјите кои инвестираа и придонесоа за мирот во нашата земја и регионот. Охридскиот договор е резултат и на вистинското разбирање на ризикот кој и се закануваше на нашата земја. Меѓународната заедница, особено НАТО, САД и ЕУ не дозволија да се повтори трагедијата од Босна, од Косово, и презедоа една многу важна мисија со домашните авторитети: почнаа преговори пред да се случеше трагедија, која немаше да им остави простор на преговорите. Можеше да се случи епилог кој немаше да биде во корист ни на Албанците ни на Македонците. Важен фактор беше и војската, но без разлика што немаше директни преговори, ОНА беше во директен контакт со сѐ што се случуваше во Охрид преку претставникот Питер Фејт, Дејвид Слин, Штефан Лене... Секоја промена или чекор напред што се случуваше, се одобруваше и се дискутираше во ОНА. Секако дека Охридскиот договор е компромис. Важноста на компромисот се гледа откако ќе помине некое време. Сега Македонија не е таа што беше пред 20 години. Денес имаме сосема друга Македонија, многу постабилна, побезбедна, заедници кои се многу поблиску едни до други, многу потолерантни едни кон други, и имаат многу помалку предрасуди едни за други. Пред Охридскиот договор Албанците бараа образование. Одговорот беше со жртви. Албанците ги бараа нивните национални симболи. Барањата трагично завршуваа. Албанците бараа да бидат дел од институциите на државата. Беа маргинализирани. Денес сѐ е променето.

Ali Ahmeti.jpg
Ахмети заедно со неговата мајка Хума Ахмети оди на гласање на изборите во септември 2002 година во родниот Зајас. Фотографија: AP

ДВ: Дали до бараните права можеше да се дојде со мирни средства, а не преку конфликт и жртви?

-Треба да ги прашате тие што креираа политика во тоа време, не мене.

ДВ: Но, со првите коминикеа на ОНА се бараше решавање на етнички проблеми преку територијални решенија. Тие барања беа поинакви ...

-Тоа не е вистина. Основата е коминикето на ОНА број 6. Тогаш е даден политичкиот правец. Соопштението број 6 е одраз на политичкиот, стратегискиот и воениот аспект. Ние побаравме дијалог, ние побаравме разбирање и јас имам повеќе од десетина соопштенија со кои им се обраќам на претседателот на државата, на премиерот, за да ги надминеме разликите и да ги доближиме ставовите, бидејќи оваа земја е наша заедничка. И тие жртви што ќе паднат, без разлика дали се Македонци или Албанци, мајките ќе ги жалат.

ДВ: Неодамна оценивте дека е исполнет нормативниот дел од Договорот, но дали по две децении со иста убеденост може да кажете дека тој создаде и нов дух на толеранција?

-Мислам дека по 20 години имаме друг дух. Различно беше после 15, 18 и 20 години. Ќе ви кажам пример. Што се случи кога Талат Џафери првпат беше избран за претседател на Собранието? Сите знаеме што се случи. Кога го избраа пред една година – што се случи? Сите го поздравија изборот и денеска сите го признаваат како претседател на Собранието. Што се случи кога еден Албанец раководеше со МВР, или со Министерството за одбрана, за финансии, за надворешни работи? Зошто јас излегов со барањето за премиер Албанец? Со цел да се влијае во надминување на предрасудите, бидејќи ништо не и се случи на државата од министрите за одбрана, за внатрешни работи, за финансии, и ништо не и се случи од претседателот на Собранието. Напротив - тоа беше една добра порака, затоа што Албанците се полојални кон државата. Што повеќе државата има лојалност кон граѓанинот, толку граѓанинот ќе има повеќе лојалност кон државата, и се надминуваат и предрасудите.

ДВ: Лојалноста кон државата се искажува и преку почитување на правдата, но никој од водството ОНА не одговараше за воени злосторства од 2001 година... 

-Охридскиот договор се потпиша откако се договоривме за амнестија, не само за ОНА, туку и за војската и полицијата на државата, со исклучок на случаите кои ќе се детектираат од Хашкиот трибунал.

ДВ: Зборуваме за случаи кои не подлежат на амнестија. Четирите „хашки случаи" беа вратени од Трибуналот на постапување пред домашните судови...

-Трибуналот одлучи овие предмети да ги врати за понатамошно постапување во судовите во земјата. Не се отворија прашањата и нема одлука од Трибуналот, но предметот се враќа во земјата. Договорот не беше овие предмети да се третираат во судовите во земјата. 

Tetovo Mazedonische Panzer
Ахмети како претставник на ОНА, Борис Трајковски како претседател, и претставникот на НАТО, Питер Фејт потпишале анекс договор, по потпишувањето на Охридскиот, за постапување со предметите кои ќе се детектираат од Хашкиот трибунал, тврди лидерот на ДУИ во разговорот. Фотографија: Georgi Likovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

ДВ: Со кого е договорено тоа - да не се третираат предметите овде?

-Тоа е договор потпишан меѓу мене како претставник на ОНА, Борис Трајковски како претседател, и претставникот на НАТО, Питер Фејт. Тоа беше анекс договор, по потпишувањето на Охридскиот, за постапување со предметите кои ќе се детектираат од Хашкиот трибунал. Ние потпишавме - за предмети кои ќе се детектираат од Трибуналот дека се прекршени нормите и меѓународните закони, за тие ќе се постапува во Трибуналот, но не во домашните судови.

ДВ: За тие случаи овде почнаа истраги (имаше судски процес за „Мавровски работници“) и сите постапки запреа во 2011 година по автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија, за кое од „бомбите“ слушнавме дека е дел од политички договор со вашиот тогашен коалициски партнер. 

- Самоиницијативно, можело да има некое дејствување. Но, овие истраги ги имаше направено Хашкиот трибунал. Јас бев осум дена на разговор, интервју, во канцелариите на хашкиот трибунал овде во Скопје. Имам интервју од преку 200 страници за сите случувања. Интервјуирани се многу офицери на ОНА, како што се интервјуирани и од полицијата и војската. Јас не знам кој се е интервјуиран од хашкиот трибунал. 

ДВ: Каде е денес униформата што ја носевте пред 20 години?

-Во моментот кога се демобилизирав, горниот дел, палтото, му го подарив на Питер Фејт. Другите делови се кај мене, дома. Му реков - ви го подарувам ова палто, затоа што јас му верувам на НАТО. И ако не се почитува овој договор, јас не сакам да ја изгубам довербата во оваа организација, која има многу инвестирано во за мирот и стабилноста.

ДВ: Во јавноста доминира впечатокот дека некои од придобивките за мирот и стабилноста - конкретно принципот за правична и соодветна застапеност на заедниците во државната администрација, е злоупотребен за создавање клиентелистички контингент кој служи како партиско гласачко тело на ДУИ. Тие критики траат до денес.

-Јас сум војувал и војувам. Треба да има се даде простор на тие кои заслужуваат.

ДВ: Со што заслужуваат?

-Се интервјуираат по институции, и секој што се ангажира во одредена институција треба да помине неколку филтри.

ДВ: Навистина ли верувате дека тоа така се случува? 

-Јас треба да верувам во моите принципи, бидејќи јас сум заинтересиран за квалитет, не за квантитет. Само со квалитет може да одиме напред. Јас сум заинтересиран да се бориме против криминалот и корупцијата, сум заинтересиран да владее правото и ќе имате партнер вие медиумите, за да се бориме против лошотијата. Но, не и да паднеме под влијание на дневните политики. Нека се демаскира секој лош случај, бидејќи само така им помагаме на процесите.  

Nordmazedonien Ali Ahmeti, Vorsitzender der DUI-Partei
„Јас сум заинтересиран за квалитет, а не за квантитет во институциите“, вели лидерот на ДУИ. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Вие сте коалициски партнер во Владата, која минатата недела разреши успешен директор. Не беше важен квалитетот, туку меѓукоалицискиот договор и „политичката надлежност" врз таа позиција. Имавте повод за демаскирање.

-Немам познавања за овој конкретен случај, за да дадам објаснување.

ДВ: Партиите во албанскиот блок сметаат дека ДУИ со години го монополизира Охридскиот договор и придобивките од него. Зошто?

-ДУИ е мериторна за спроведување на Охридскиот договор и не верувам дека некој може да го оспори тоа. Но, никој не им го одзема правото за организација и на опозициските партии. Кажете ми еден случај кога една опозициска партија повикала еден аналитичар и направила одбележување на годишнина од Охридскиот договор? На пример, во 2006 и 2007 година ние не бевме во Владата, но ја прославивме годишнината од Охридскиот договор. Договорот бара третирање. Тоа е најголемото постигнување на оваа држава кое и отвори пат за членство во НАТО, ги доближи заедниците, ја зголеми лојалноста и немаме ситуации како пред 20 години. Сѐ уште има предрасуди против кои треба заедно да се бориме.

 ДВ: По две децении, остана ли нешто „недоречено“ со Договорот, со оглед дека тој досега честопати беше толкуван на начин кој постојано произведува нови барања? Има ли крај? 

-Демократијата нема крај.

ДВ: Дали барањата имаат крај?

-И барањата се бесконечни, како од македонската заедница, албанската, српската, влашката, турската... Животот е динамичен. Ние не треба да бидеме заложник на дневно-политичките случувања. Што повеќе ја развиваме демократијата, што повеќе нашето општество се движи во процесите напред, толку повеќе барања излегуваат.

ДВ: Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ни лидерот, ни кој било од партијата нема да присуствува на денешното одблежување на две децении од Охридскиот договор, оценувајќи го како парада и трошење народни пари во време на економска криза.

-Тоа се дневно-политички ставови. За мир, стабилност и безбедност -нема цена! Добро е господинот Мицкоски да учествува во одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот договор, бидејќи тој договор е за добро на државата, ја направи многу постабилна и побезбедна, поблиску до сонот дека може да се живее во оваа држава. И не мислам дека е добро за дневно-политички цели да се апстинира од одбележувањето на еден толку важен договор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи