Ахмадинеџад предизвика скандал
24 септември 2010Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад изјави дека постојат мислења дека „некои структури во САД ги организирале нападите за да го одвратат вниманието од проблемите, како падот на американската економија и проблемите на Блискиот исток, како и за да го сочуваат ционистичкиот режим во Израел“.
Ахмадинеџад го обвини Вашингтон и поради ангажманите во Авганистан и во Ирак, а го критикуваше и воведувањето санкции против Иран заради развојот на нуклеарната програма наведувајќи дека членките на Советот за безбедност на ОН „ја изедначуваат нуклеарната енергија со нуклеарно оружје.“
Американската делегација, како и голем дел претставници од другите западни земји, го напуштија заседанието на Генералното собрание поради ваквиот говор на Ахмадинеџад.
Вестервеле: На Иран не му е се‘ едно
Неколку часа претходно, американскиот претседател Барак Обама во својот говор на Иран му понуди нови преговори во спорот околу неговата атомска програма.
„Вратата за дипломатијата останува отворена, ако Иран сака да ја користи“, рече тој.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој пред Генералното собрание ќе се обрати утре, сепак смета дека притисокот на меѓународната заедница врз Иран има резултати:
„На Иран сосема очигледно не е му е се‘ едно поради одлучниот став во спроведувањето на санкциите. Фактот дека беше настапено заеднички во ОН, дека кон санкциите се придружија ЕУ, но и други земји, како Јапонија, не остана без влијание врз иранската влада“, смета Вестервеле.
На годинешното Генерално собрание на ОН во фокусот се темите кои на почеток ги наведе генералниот секретар, Бан Ки Мун - сиромаштијата, промената на климата и атомското оружје како најголеми опасности за светската заедница.
Автор: ЖА/ЕМФ/афп/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска