1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аушвиц пред суд

Фолкер Вагенер/ К. Краљевска 19 август 2015

Во ек на економски чуда, Германци од Западна Германија повторно мораат да се соочат со своето воено минато. Во Франкфурт пред 50 години заврши процесот за злосторствата во Аушвиц.

https://p.dw.com/p/1GHp6
Фотографија: imago/United Archives

Одговорот на Вилхелм Богер предизвика згрозување во публиката. Човекот на обвинителната клупа беше задолжен за „сослушување“ во одделот за политички затвореници од логорот Аушвиц и пред судот беше соочен со методата, која добила име по него, бидејќи тој ја смислил - „Богерова лулашка“. Притоа, рацете на жртвите се врзани околу зглобовите под свиткани нозе, а меѓу раката и страничната страна на коленото се наоѓа железна прачка, чии краеви се поставени на два стола, кои се наоѓаат еден спроти друг. Мачената личност на тој начин виси со главата надолу, а задникот и гениталиите се незаштитени и изложени на брутални удари. „Јас не убивав“, изјави Богер во судот, „само извршував наредби.“ Богеровото признание беше симптоматично за сите обвинети: во него немаше трага од каење. Така, франкфуртскиот процес за злосторствата во Аушвиц за прв пат по 1945 година, ги изнесе на виделина сите стравотии од логорското секојдневие.

Аушвиц - синоним за холокауст

Кога Црвената армија на 27 јануари 1945 година влегла во логор во близина на Краков во денешна Полска, таму имало околу 7.000 затвореници. Од последни 60.000 затвореници, поголемиот дел од нив, единици на СС кратко пред тоа ги стрелале или ги пратиле во ткн. маршеви на смртта кон запад. Еден милион и сто илјади лица се убиени во нацистичките логори на смртта меѓу 1940 година и 1945 година: задушени, убиени со инјекција, застрелани или претепани до смрт. Сето тоа уредно е документирано. Речиси 20 години тие злосторства биле табу тема за германската јавност. Пред се’ за правосудството. Под мотото: „Минатото треба да се остави на мира!“ Духот на Аденауровата идеја (првиот канцелар на Западна Германија од 1949 година до 1963 година) бил обележан со широко распространета амнезија или активна денацификација.

Да можело воопшто да дојде до голем процес на злосторствата во Аушвиц треба да се заблагодари на случајот. Во тек на свое истражување кон крајот на 1958 година, еден новинар запознал поранешен логорец, кој во последните месеци од војната во запалениот Вроцлав успеал да извлече веќе изгорени документи од полицискиот суд. Поранешниот затвореник ги предал тие документи на новинарот, кој потоа ги испратил до јавниот обвинител во Хесен, Фриц Бауер. А тој, веднаш ја препознал важноста на овој случај - документи за стреланите во Аушвиц. Имиња на убиени и нивни убијци со белешки за причини за погубувањето. Потписник бил Рудолф Хес, командант на логорот. И потпис на Роберт Мулк, еден од подоцна обвинетите, можел јасно да се идентификува. Така, конечно постоела правна основа за големиот процес, за кривична постапка против повеќе лица на различни функции. А со тоа и можност да се изнесе на виделина начинот на функционирање на целиот погон за убивање.

Deutschland KZ Auschwitz
Аушвиц-пат во пеколотФотографија: Getty Images/C. Furlong

Фриц Бауер - татко на процесот

Во април 1959 година, Сојузниот врховен суд соопшти дека Регионалниот суд во Франкфурт на Мајна и Фриц Бауер се надлежни за процесуирање на злосторствата во Аушвиц. Како Евреин и социјалдемократ, Бауер бил во затвор за време на владеењето на нацистите, но штом е пуштен, успеал да избега во странство. По завршувањето на војната, тој станал кривичен гонител за воени злосторства - не заради осветување, туку од желбата да го тргне минатото од заборав. Поради тоа, многумина во политиката и правосудството го обвинувале дека „плука по своите“. Во текот на процесот никогаш лично не се појавил, но го донесе процесот во Франкфурт и на своите обвинители им даваше поддршка како шеф на Јавното обвинителство. Тоа не било нешто што само по себе се подразбира, бидејќи Бауер бил еден од ретките правници без историска хипотека и како таков со право се чувствувал осамен. „Кога ќе излезам од својата канцеларија, стапнувам на непријателска територија!“, изјавил тој еднаш.

Сведоштва на страв и ужас

Франкфуртскиот процес можел да започне во 1963 година и поради тоа што во 1958 година е формирана централна канцеларија на покраинската судска управа за истрага на нацистичките злосторства во Лудвигсбург. Дотогаш воените злосторства биле гонети законски само несистематски и некоординирано. Обвинителите се плашеле дека нема да можат да најдат сведоци, кои се подготвени да сведочат. Бројни поранешни логорци, кои го преживеале холокаустот, веќе не сакале да стапнат на германско тло. Минало многу време додека во секоја земја од која Евреите биле депортирани, не нашле барем еден сведок, кој се согласил да дојде во Франкфурт.

Почетокот на процесот, 20 декември 1963 година, ги соочил Германците, 20 години од крајот на војната, со нешто за што многумина веќе не сакале да слушнат. Било тоа кратко пред Божик, кога повторно добро нахранетите граѓани на германското економско чудо оделе на „шопинг“ во, од војната уште срушениот Франкфурт, во околината на градот, околу Ремер, на сцената на судскиот случај на векот. А внатре, во градската околина, отворена е датотека 4 Кс 2/63, кривичен предмет против Мулк и другите. Роберт Мулк, аѓутант на командантот на логорот во Аушвиц, бил најстар од 22 обвинети и затоа процесот е наречен по него. Расправата траела вкупно 183 дена судење, одржана во период од 20 месеци, заснована на обвинение од 700 страници. Јавното обвинителство на судот му предало 75 регистратори со материјали собрани во тек на петгодишна предистрага.

Триста педесет и девет сведоци биле сослушани во Франкфурт, а од нив 248 биле поранешни затвореници во Аушвиц. Судот ја посетил и Полска, односно самиот Аушвиц. Политички гледано, тоа се противело на здравиот памет, бидејќи во тоа време Европа се’ уште била поделена на Исток и Запад, но Меѓународниот одбор за Аушвиц тоа го овозможил и бил посредник меѓу Судот и владата во Варшава. На тој начин, можеле да се побијат изјавите на некои обвинети, кои тврделе дека од својата канцеларија или од своето работно место не можеле да ги видат убиствата.

Deutschland Auschwitzprozess in Frankfurt am Main Gerichtssaal
Процесот во Франкфурт во 1963 годинаФотографија: imago/United Archives

Задоцнета пресуда

Кога на 19 август 1965 година, судот започнал да ги објавува пресудите, судницата била исполнета до последно место. Процесот во текот на тие 20 месеци го следеле околу 20.000 лица. Особено голем интерес имало во странство. Во меѓувреме починал Ралф Џордано, правник и писател, кој го преживеал холокаустот, го нарекол „втора вина“, а тоа потфрлување на (западно)германското правосудство во процесуирање на сопственото минато, кое траело со децении, со франкфуртскиот процес барем малку е поправено. Против првообвинетите судот донел долгогодишни, а во некои случаи и доживотна казна затвор. И јасно утврдил дека нивното дело е казниво и според националсоцијалистичкото право.

По пресудата во Франкфурт, германското правосудство повторно прилично „млако“ продолжило со истражување на нацистичките злосторства. Од 6.500 припадници на СС во Аушвиц осудени биле само 29, утврди Андреас Ајхмилер, историчар. Морало да минат уште 40 години додека ткн. „лага за Аушвиц“ (тврдење дека во Аушвиц не биле убиени луѓе или дека има убиено многу помалку отколку што е историски докажано) станала кривично дело. Од 2005 година тоа тврдење, всушност, се смета за кривично дело за поттикнување на омраза меѓу луѓето.