Атина не се согласува со двојна формула за името
8 октомври 2008Во одделни средби со Метју Нимиц своите позиции пред денешната заедничка средба синоќа ги изнесоа грчкиот и македонските преговарачи.
Доколку Македонија продолжи да зборува за двојната формула, нема надеж дека наскоро може да биде решен спорот меѓу Скопје и Атина. Вака грчкиот преговарач Адамантиос Василакис ја коментираше можноста новата рунда преговори да донесе заемно прифатливо решение.
Со голема доза на песимизам, вообичаено разговорливиот грчки дипломат не сакаше да зборува зошто не е оптимист. Тој не ги потврди информациите дека на посредникот Метју Нимиц му пренесол дека Атина нема да прифати име Македонија за нацијата или поинаква варијанта од едно име за земјата за сите употреби.
Василакис еден час го убедувал медијаторот дека е рано за презентирање нов конкретен предлог.
Обид за подобра преговарачка позиција
Македонските претставници Никола Димитров и Мартин Протoѓер не соопштија детали од средбата кај Нимиц. Тие меѓутоа имаат дијаметрално спротивни очекувања од денешната заедничка средба кај посредникот. И покрај ограничувањата во нивниот мандат и отворениот концепциски судир меѓу македонскиот претседател и премиер, тие се обиделе да издејствуваат подобра позиција во преговорите.
Според неофицијални информации од средбита на Нимиц со македонската екипа, тој разговарал за судирот во македонскиот државен врв и за евентуалниот равој на настаните, доколку оваа негова иницијатива, поттикната од американската администрација, не вроди со плод. Најголемиот дел од разговорот со Василакис поминал во инсистирањето на грчкиот преговарач за Нимиц да се откаже од нов предлог, се‘ додека Македонија не излезе со заеднички државен став. Ова барање Нимиц го одбил, со обајснување дека предлогот е само дел од преговорите, кои продолжуваат без разлика на реакциите на Скопје и Атина.