1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина: ЕУ да ја потврди перспективата на Западниот Балкан

БГ
20 октомври 2019

Грчкото министерство за надворешни работи вечерва им даде поддршка на европските аспирации на земјите од Западниот Балкан. Коѕијас ја обвинува ЕУ за кусогледост и неодговорност

https://p.dw.com/p/3Rbnw
Berlin | Premierminister Kyriakos Mitsotakis
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Грчката влада и опозиција застанаа во одбрана на европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, откако на самитот на ЕУ во Брисел Северна Македонија и Албанија беа блокирани во напорите да започнат преговори за членство. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по завршувањето на самитот оцени дека неговиот исход не е добар ни за Балканот, ниту за Грција.
Грчкото Министерство за надворешни работи вечерва ги реафирмираше тие оценки со ветување дека Атина ќе продолжи да ги поддржува земјите од регионот да ги исполнат стандардите за членство во ЕУ.

„Ги повикуваме земјите-членки на ЕУ да работат заедно за реализација на европската перспектива на Западниот Балкан, во корист на регионот и на самата Европа“, се наведува во соопштението на грчкото МНР, во кое се повикуваат земјите од регионот да останат посветени на реформите.
Претходно, поранешниот грчки премиер и сегашен лидер на опозицијата Алексис Ципрас ја критикуваше ЕУ оценувајќи дека „понекогаш европските вредности се посилни на Балканот отколку во ЕУ“. Неговата партија Сириза денеска во соопштение оцени дека „случувањата во Северна Македонија ја потврдуваат неодговорноста на европските лидери и недостигот на кредибилитетот на ЕУ“.

„Некои во Грција, кои бесмислено зборуваа за штетен договор и за трампа со европејците, наскоро ќе молат да не биде избрана нивната братска партија ВМРО и да се стави во опасност Договорот од Преспа“, велат од Сириза.

Најдалеку во критиките на ЕУ отиде поранешниот шеф на дипломатијата и архитект на Преспанскиот договор, Никос Коѕијас кој на Твитер ја обвини ЕУ за кусогледост и неодговорност.


Признавам помислував на сите можни сценарија во однос на Договорот од Преспа“, твитна Коѕијас во саботата.
„Но не ја земав доволно предвид кусогледата, неодговорна, слепа и нестратешка политика на ’лидерите’ на ЕУ кои не сфатија кон што се движи Европа поради Брегзит, Сирија, Босна, Косово и источниот Медитеран“, напиша Коѕијас.