1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бонус-системот отфрлен и од опозицијата и од ДУИ!

5 април 2017

Пратеничкиот бонус-систем е неприфатлив за СДСМ и помалите партии, а од ДУИ велат дека тој би се разгледал само ако претходно законски се регулира изборот на владата да се спроведе со Бадентерово, двојно мнозинство.

https://p.dw.com/p/1GKOH
Фотографија: DW/P. Stojanovski

СДСМ и помалите партии кои се залагаат Македонија да биде една изборна единици по пропорционален изборен модел енергично го отфрлаат предлогот со кој премиерот Груевски вчера и‘ фрли изборна ракавица на опозицијата. Тој предложи да се воведе бонус систем каков што го има во некои држави, со кој победничката партија ќе добие плус 17 пратеници за да има стабилна влада.

„Значи кој и да е победник, а еве СДСМ тврдат дека тие ќе бидат победници и нивно право е да го тврдат тоа, па ако навистина веруваат дека ќе бидат победници, ние им нудиме да изгласаме закон со кој победничката партија кога ќе завршат изборите добива плус 17 пратеници. Со тоа ќе се формира стабилна влада и нема изговор потоа зошто не се реализирале некои проекти“, рече Груевски.

Преговарачки трик

Според ваквиот предлог на премиерот, Собранието би требало да има 140 пратеници, а изборниот процес да се врати на мнозинскиот изборен модел кој последен пат беше користен на парламентарните избори во 1998 година.

Мнозински бонус систем во Европа се применува или се применувал во Грција, Италија и Сан Марино, но поради различни причини и во различни услови. Во италијанскиот парламент кој има дводомна структура поради нестабилните влади и нивното често паѓање, а во Сан Марино, една од најмалите држави во светот со регистрирани 32.000 жители, од кои 11.000 живеат надвор од неа, со варијабилен бонус се дополнуваат пратеничките места што и‘ недостигаат на коалицијата која освоила најмногу гласови на изборите.

Опозицискиот СДСМ вчера експресно го одби предлогот на Груевски.

„Стабилна влада се обезбедува на слободни фер и регуларни избори, на кои граѓаните без закани и уцени ќе ја изразат својата волја. Никола Груевски нека им признае на граѓаните и на јавноста зошто се плаши од нивното барање, што го поддржаа и СДСМ и останатите политички партии, Македонија да биде една изборна единица. Можеби, дека му се растура шемата на крадење избори? Што нема да измисли Груевски откако е фатен со рацете во избирачките кутии. Неговата изјава доликува на ‘дил ориентед’ политичар каков што е Груевски, кој од очај стана мета на потсмев“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Opposition Mazedonien Rücktritt
СДСМ експресно го одби предлогот на ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

Со мнозински бонус систем не се согласуваат ни помалите партии, кои веќе јавно се изјаснија дека се залагаат Македонија да биде една изборна единици по пропорционален модел. Лилјана Поповска, претседателка на партијата ДОМ, предлогот за бонус од 17 пратеници за победникот, го смета за преговарачки трик. „На Македонија не и‘ требаат монолитни влади, кои лесно ја злоупотребуваат преголемата моќ на штета на слободата, човековите права и демократијата. Ниту пак и‘ треба мнозински изборен модел, кој е најнеправичен, затоа што еден добива се‘, а сите други губат. Тој најсилно го стимулира бипартизмот, па кандидат може да победи само со силна партија и многу пари. Напротив, ние треба да го либерализираме постоечкиот пропорционален модел, со тоа што ќе преминеме од шест на една изборна единица, со отворена листа“, вели Поповска. Таа укажува дека ДОМ со години се залага за ова, укажувајќи дека постоечкиот модел со шест изборни единици е главен генератор на политичките кризи, кои настануваат поради преголемата и неконтролирана моќ на победничката партија.

„Со повеќе самостојни партии, ќе има подемократски и похетерогени влади, со постизборни коалиции. Освен тоа, нашето мултикултурно општество има потреба да се изрази преку широка политичка палета, а не да биде стеснето во две опции. Поголемата конкуренција ќе ја подигне политичката култура и ќе внесе повеќе креативност, умереност и толеранција во политичките дебати“, оценува Поповска.

Неприменлив систем

Според аналитичари, бонус системот практично е неприменлив во мултиетнички земји каде политичките партии се етнички хомогени, бидејќи тоа може да предизика проблеми на меѓуетнички план. Поради тоа или и од други причини, и во ДУИ, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се резервирани кон ваквиот предлог.

„Таков предлог би се разгледал само доколку претходно законски се регулира изборот на владата да се спроведе со Бадентерово, двојно мнозинство“, кратко изјавија од центарот за информирање во ДУИ, без дополнителна аргументација.

Mazedonien Wahlen Nikola Rilkoski
Рилкоски: Изборите се добиваат со гласовите од граѓаните, а не со бонус пратенички местаФотографија: MIA

И претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски, смета дека мнозинскиот изборен модел е надмината работа, а бонус системот - неприфатлив.

„Изборите се добиваат со гласовите од граѓаните, а не со бонус пратенички места. Тоа е целосно неприфаливо“, вели Рилкоски.

Политиколози сметаат дека ваквиот предлог води кон недемократски амбиент, во кој победникот зема се‘ и одлучува за се‘, без инклузија на другите. Поранешниот министер и професор од Правниот факултет, Денко Малески, е разочаран од ваквиот предлог.

„Ако првиот човек на владејачката партија, после сиот наш труд да објасниме дека проблемот со демократијата во Македонија не е во слабата власт, туку во неконтролираната власт, тоа се‘ уште не го разбрал, во очај ги фрлам рацете кон небото и заклучувам дека мали се шансите за решение за нашата криза низ дијалог“, констатира Малески.

Разговорите во работната група за изборниот пакет продолжуваат и наделава. Досега не е постигнат напредок во однос на обврските предвидени со Договорот од 2 јуни за излез од кризата, а разговорите и натаму се одвиваат без транспарентно информирање на јавноста.