Армијата со куси ракави
3 ноември 2010Високи армиски старешини неколку пати веќе укажуваат дека за АРМ се одвојуваат се’ помалку пари и дека се загрижени за нејзиното нормално функционирање. Последен пат началникот на Генералштабот на армијата генералпотполковник Мирослав Стојановски отворено прозборе на Денот на АРМ -18 август.
Опозицијата и медиумите повеќе пати укажуваа на слабата опременост и снабденост на армијата. Нема чизми, стари униформи, војниците јадат еднообразна храна, се само дел од забелешките. Единствено се води сметка за учеството во мисиите, за што пари мора да има. Веќе никој не зборува за модернизација и набавка на современа опрема, иако во секој буџет на одбраната 20 отсто треба да се потрошат токму за модернизација.
Во Министерството за одбрана, меѓутоа, сметаат дека ситуацијата воопшто не е алармантна, дека е тоа само дел од политичката игра. Парите што МО ги има годинава изнесуваат 1,43 отсто од БДП-то или 98 милиони евра што е сосема доволно за сите планирани активности, смета портпаролот на министерството Сашко Димов. За него, кога станува збор за парите треба да се имаат предвид два момента. Првиот е дека со ваквото зафаќање од БДП Македонија е во средината меѓу земјите членки на НАТО и од Европа, а според номиналната вредност парите се дури и повеќе од парите во буџетот за 2004 и 2005 година, ако се има предвид дека како и тогаш буџетот е околу шест милијарди денари, ама сега се троши со 2.000 вработени помалку од тој период. „Апсолутно како МО информираме дека финансиските средства за обука и борбена готовност не зависат од намалувањето на средстава. Готовноста се одржува според претходно изготвените планови и според потребите на војниците за мисиите и тука за активности во Македонија“, вели Димов.
Дел од експертите имаат поинаков став
Професорот Зоран Ивановски, смета дека свртеноста на владата кон МВР не може да ги надомести капацитетите што Македонија мора да ги има на воен и одбранбен план, Македонија се’ уште не е дел од НАТО, а за да стане и поатрактивен член ќе мора да направи дополнителни вложувања во современа опрема, обука и телокомуникации.
„Намалувањето на стапката за издвојување на потребите во одбраната дефинитивно ќе се преслика на состојбата во овој сектор. Постојано имаме информации од Генералштабот дека средствата се недоволни, а само тековно финансирање на овие потреби не може да овозможи и негов раст. Она што ќе се изгуби за година или две тешко подоцна ќе може да се надополни“, вели Ивановски.
Военополитичкиот аналитичар Благоја Марковски смета дека наспроти суштинската потреба од што повеќе вложувања во армијата, во овој сектор секоја година има се’ помалку распложливи пари. Од 152 милиони евра во 2007 година, годинава со ребалансот на буџетот парите спаднаа на под 100 милиони евра, а најавите се дека идната година и тие ќе бидат намалени. „Факт е дека во последните неколку години освен донации од запад ние всушност немаме набавено ништо посериозно. Војникот е многу позадоволен кога е добро опремен и обучен и кога располага со современа технологија. Во овој случај за тоа не станува збор“, вели Марковски.
Притоа, смета тој, нарушен е и соодносот на трошењето на парите. Место за модернизација, најмногу пари одат на платите на вработените и за неколкуте мисии во странство. „Ова зборува дека со еден ваков тренд на владата ние не можеме да постигнеме осовременување на одбраната затоа што за да ги постигнеме стандардите на совремeните одбранбени системи ние драстично мораме да го промениме соодносот, односно многу повеќе да посветуваме на опремувањето и модернизацијата, па и на обуката и операциите и одржувањето“, вели Марковски.
Автор: Сашко Димовски
Редактор: Александра Трајковска