Арапската лига бара дијалог во Сирија
17 октомври 2011Министрите за надворешни работи на Арапската лига одлучија да не ја суспендираат Сирија од членство, но ја повикаа владата во Дамаск да го запре насилството врз про-демократските демонстранти.
„Ги повикуваме и власта и опозицијата во рок од 15 дена да започнат дијалог“, изјави генералниот секретар на Арапската лига Набил Елараби.
Првиот дипломат на Катар, шеикот Хамад бин Џасем ал Тани изјави дека ќе бидат воспоставени потребните контакти со владата на Сирија и со опозициските групи за во рок од 15 дена да се свика во седиштето на Арапската лига конференција за национален дијалог во Сирија.
Сирискиот амбасадор во Египет Јусуф Ахмед го нарече сомнително и чудно свикувањето на вчерашната вонредна средба на арапските министри за надворешни работи.
„Се надевам дека таа средба не е поврзана со неуспехот на антисириската политика на САД во Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави Ахмед.
За време на заседанието на министрите на Арапската лига во Каиро, стотици демонстранти бараа суспендирање на Сирија.
Автор: БГ/СН/афп
Редактор: Жана Ацеска