„Апел за мир“ од Сараево
12 септември 2012Откако реисот -улема на Исламската заедница на БиХ Мустафа Цериќ на панел дискусијата „Сараево 20 години од конфликт до средба“ потсети на воените страдања во Сараво и Сребреница и ја повика Европа повеќе никогаш да не биде сведок на геноцид и холокауст, владиката захумско-херцеговачки Грегорије го обвини дека сака да создаде исламска држава. Владиката на присутните им раскажа, како при престојот во САД го слушнал разговорот меѓу Цериќ и главниот рабин во Њујорк Артур Шнајдер. „Му рековте дека нема еврејство без еврејска држава ниту ислам без исламска држава“, рече Грегоријe.
„Тоа е обвинување кое не држи. Немојте така. Тоа е лага“, одговори Цериќ.
Владиката Грегорије појасни дека не говори доволно англиски, но дека е сигурен дека поглаварот на исламската заедница кај рабинот се залагал за исламска Босна и Херцеговина. „Му ги повторив (на Цериќ) зборовите кои во мое присуство му ги кажа на рабинот Шнајдер за тоа дека сака исламска БиХ, односно исламска Босна, односно дека сака држава во која исламот е над се’“, изјави по расправата владиката Григорије за РТРС.
Во коментарот за Дојче веле Мустафа Цериќ изрази жалење што „владиката Григоријe не го сфатил духот на собирот во Сараево“. „Можеби е и добро што дојде до таква расправа, така што луѓето од овој собир не би заминале со убедување дека овде е се’ во ред и дека не треба заеднички да се работи за унапредување на односите“, вели Цериќ. „Таа провокација имаше цел да го омаловажи собирот и остави дамка, но во тоа не се успеа. Завршната декларација покажа дека таква провокација не можеше да ја намали вредноста на она што го стори заедницата ’Сант’Егидио’“, рече Цериќ.
И пораките од завршната церемонија недвосмислено укажаа на фактот дека Сараево и БиХ не случајно се одбрани за место за средба со луѓе од сите континенти кои пропагираат мир, заедништво и толеранција. „Сараево 20 години чекаше на овој момент, на овие луѓе од различни вери и нации со пораки за мир, љубов и толеранција. Сараево денес е центар на светот и пораките од Сараeво се јасни. Војната е погрешна, а мирот е радост, светата војна при која се убиваат невини луѓе е погрешна, а спасување на невините е во духот на господовите одредби. Иднината е да се умее да се сочува мирот, а не да водат војни“, рече Цериќ.
Но, основна порака од сараевскиот собир е дека иднината е и во заедништвото. За примерот како заедништвото може да се гради и негува говори и специјалниот претставник за дијалог меѓу цивилизациите во германското Министерство за надворешни работи Хајнрих Крефт: „Имаме 350.000 луѓе од БиХ, кои како бегалци во 90-те дојдоа во Германија. Кога ги споредуваме со луѓето од други земји, кои исто така се интегрираат во германското општество, кај луѓето од БиХ воочуваме многу разлики и предности кои со сигурно имаат врска со повеќеслојните босанско-херцеговски традиции за заеднички живот на христијаните и муслиманите“, вели Крефт.
Улогата на Европа во очите на бискупот Про Судар
Една од неизбежните теми на панел дискусиите беше и интеграција на Балканот во европското општество. Католичкиот бискуп Перо Судар верува дека и Европа сноси одговорност за бавниот тек на европските интеграции. „Повеќе од видливо претставниците на Европската унија овде се однесуваат кон државите и народите од Балканот на неприфатлив начин. Со овој видлив негативен однос тие ја отежнуваат промената на негативната перцепција која граѓаните на овдешните држави веќе ја поседуаат, а противниците на евроатланските интеграции ги користат и продлабочуваат“, рече Судар. Но директорот на Дирекцијата на Европската комисија за проширување Стефан Санино рече дека „Европа не врши притисок на никого за влез во ЕУ и дека има свои правила кои треба да се исполнат и почитуваат доколку се сака да се биде нејзин член“.
Меѓурелигиската конференција „Нашата иднина е да живееме заедно: Религиите и културите во дијалог“, синоќа вп Сараево заврши со „Апел за мир“ како и пораки за потребата за толеранција и соживот на сите религии и луѓе во целиот свет.